„Раселените“ се една од најмногу повредените групи
учесници во војната во 2001, кои под директно влијание на
насилство или под закана на насилство морале да ги напуштаат
своите домови, не знаејќи кога и дали воопшто ќе се вратат.
Некои од тие луѓе под сугестија на полицијата ги напуштале
своите домови бегајќи кон соседните села или блиските
поголеми градови, други отишле преку планина избегнувајќи
контакт со други. Некои отишле со кола, некои со трактор или
дури пешки. Но, сите во несигурност и неизвесност од тоа
што ќе биде после. Ние сите нив ги сметаме како „бегалци“
или „раселени“, без оглед на тоа дали некогаш побарале или
добиле некој официјален статус како внатрешно раселено
лице (ВРС).
Приказните од раселените лица не се само регистар на
настаните кои овие лица ги доживеале, туку тие претставуваат
пред сè досие на една поинаква, искрена и достапна реалност
која сè уште постои во нејзината автентична форма и опстојува
наспроти сите преовладувачки извртени раскажувања од тоа
време. Нивната искреност често остава чувство на огорченост,
тага, сочувство и сожалување, но на крајот, читањето на сите
приказни ја буди во нас волјата за разоткривање на сета
реалност која цела деценија се рециклира за најразлични
цели, а сега, крајно, се отвора во процес на соочување со
минатото.
Во оваа серија собравме 29 животни приказни. Во
фокусот ни беа бегалските искуства. Од нив, во оваа книга
објавуваме 12. Најголем дел од интервјуираните луѓе доаѓаат
од регионите кои беа најмногу зафатени од воените дејства,
иако во помал број беа направени интервјуа и со жители од
другите делови на земјата.
Интервјуата беа спроведени на крајот на 2011 и почетокот
на 2012 година од тим интервјуери/ки од различни региони
во Македонија. Сите интервјуери/ки пред спроведувањето
на интервјуата учествуваа на обуката за собирање животни
приказни, организирана од Мировна акција.
Уреднички тим:
Боро Китаноски
Томас Колс
Артан Садику
Горан Талески