Со одбележување на овој датум го даваме својот придонес кон незаборавот на оној трагичен 9-ти Ноември 1938 година кога погромот на Евреите во нацистичка Германија почнува да ги добива контурите на Холокаустот, настан кој мора да остане опомена за целото човештво и никогаш повеќе да не се повтори.
Како дел од регионалната програма „Лица на отпорот на опресијата во 20 век во Европа“ на 9-ти ноември 2015 година во 12 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа трибина за одбележување 77 години од Кристалната ноќ и меѓународниот ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот. Трибината беше во организација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Мировна акција. Трибината ја водеше Горан Талески од Мировна акција, а говорници беа проф. д-р. Марјан Димитријевски од Институтот за национална историја од Скопје, Маја Суша и Душко Весковски од Меморијалниот центар.
Горан Талески ги поздрави присутните и даде краток вовед во настанот. Тој во неколку реченици даде опис на случувањата пред 77 години, а во продолжение истакна „Додека некои се повлекоа од јавниот живот или им се придружија на насилниците, други одбраа отпор кон фашизмот и нацизмот. Поголем дел од Евреите кои го преживеаја Холокаустот се спасија приклучувајќи се кон народноослободителната борба. Затоа, заедно со споменот на жртвите на фашизмот, на меѓународниот ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот се сеќаваме и на отпорот против фашизмот, но и на важноста за поддршка на прогонетите денес.“
Професорот Марјан Димитријевски, експерт за Третиот рајх, на присутните многу подетално им долови што се случило на Кристалната ноќ, како се дошло до таму, и кое е значењето на Кристалната ноќ во целиот тој процес на истребување на Евреите од Германија и Европа. Па така, професорот ќе рече: „Ноќта на погромот“ била еден вид вовед во целосна трагедија на еврејскиот народ под нацизмот за време на Втората светска војна, кога се убиени милиони Евреи. Ноемвриските погроми во историјата го означиле почетокот на холокаустот. По него, ракавиците навистина биле симнати. „Кристалната ноќ“ била пресврт во ескалацијата, затоа што по неа исчезнале сите изговори и воздржаности.“
Маја Суша ни претстави три приказни на преживеани од Холокаустот и нивните сеќавања за Кристалната ноќ. Сузан Таубе во својата приказна раскажува „се ни беше конфискувано, а луѓето потоа мораа сами да си платат и огромни суми како казна за штетата која се направила“. Хеди Полицер Поуп била 18 годишна граѓанка на Виена за време на Кристалната ноќ. Таа вели: „Не постоеше институција каде можевме да се обратиме. Тоа беше страшно. Имаше и многу добри луѓе кои се јавуваа и прашуваа дали сме добро.”
Душко Весковски зборуваше за Холокаустот на Евреите во Македонија. Тој ја претстави ситуацијата на Евреите по окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во 1941 година. Во неколку точки ги претстави чекорите до Холокаустот на македонските и тракиските Евреи: окупацијата од страна на Германија и Бугарија, носењето на закон за заштита на нацијата, недавање на бугарско државјанство на Евреите, потпишување на договор за депортација на Евреите од окупираните бугарски територии во Германија, нивното носење во Треблинка во ко-организација на Бугарија и нацистичка Германија. Преку потресни лични сведоштва, Весковски ја претстави и состојбата на Евреите во Монополот во Скопје кој бил собирен центар на 7.400 Евреи од Македонија.
По завршувањето на излагањата, беше оставен простор за коментари и прашања од страна на гостите на настанот.
На крај, битно е да се спомне дека настанот ги оправда очекувањата. Во Македонија започна посериозно одбележување на овој значаен ден од европската и светската историја (индивдуални активисти и антифашисти од Мировна акција и во минатото го одбележуваа), ден кој не смееме да го заборавиме и од кој мора да влечеме поуки за во иднина. Освен во Скопје, како дел од регионалната програма „Лица на отпорот на опресијата во 20 век во Европа“, одбележување на Кристалната ноќ имаше и во Загреб, Белград, Подгорица, Љубљана и Удине.
Горан Талески