Драги пријателки и пријатели,
Ве повикуваме да ни се придружите во Битола на 25. април. 2023. година. Ќе ја претставиме повеќејазичната збирка на кратки раскази на тема помирување, од конкурсот Бибер 05, како и авторките и авторите од регионот, ќе разговараме за важноста на општествено ангажираната книжевност и уметноста воопшто.
Настанот го организираме заедно со Центарот за ненасилна акција, Белград-Сараево, во Центарот за култура Битола – Мала сала, на 25. април. 2023. година во 19:00 часот.
Во разговорот ќе учествуваат автор(к)ите на објавените раскази од конкурсот „Бибер 05“:
Сања Мучкајева Видановска – авторка од Битола
Амина Каја – авторка од Приштина
Срѓан Миљевиќ – автор од Белград
Како и Ивана Франовиќ (тимот на Бибер, Центар за ненасилна акција Сараево – Белград).
и Калина Малеска – членка на жирито од Скопје
Модераторка на разговорот ќе биде др Ангелина Станојоска
Збирката на раскази која ја претставуваме е плод на „Бибер 05“ конкурсот за кратки приказни на тема помирување во контекст на оставштината на војните и насилствата во земјите од поранешна Југославија. Во предвид дојдоа и раскази кои може да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, намалување на омразата и разградба на предрасудите, антивоени, раскази кои се занимаваат со соочување со минатото, разградување на сликата за непријателите, сочувство со другите, храбри приказни кои се осмелуваат да чекорат во „непријателските“ чевли, приказни кои ги поместуваат границите и нѝ отвораат патеки по кои може да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.
Конкурсите и сите збирки се повеќејазични и на нив може да учествуваат автори и авторки кои пишуваат на албански, босански, црногорски, хрватски, српски или македонски јазик.
Електронските изданија на сите „Бибер“ збирки може да се најдат на страната и се бесплатни за преземање.
Добредојдени сте!
Тимот на Бибер