МИРОВНА АКЦИЈА
РОМА С.О.С.
ЗДРУЖЕНИЕ НА МЛАДИ ЕКОНОМИСТИ
Дискриминацијата и милитаризмот не се нови феномени во земјите во транзиција каде едни вредности се заменуваат со други. Преодниот период, особено во делот на создавање на нови вредности и нивно функционирање, може да трае многу долго. Иако постои одредена свесност за некои типови на дискриминација (етничка, кон луѓето со хендикеп), постои недоволна свесност за родовата дискриминација, дискриминацијата на социјална основа итн. Особено од наш интерес е да направиме поврзување на разните облици на дискриминација и милитаризмот т.е. милитантното однесување изразено и/или поттикнато од разни форми на општествени појави: традиционални родни улоги, национализам, ксенофобија и др.
Појавата односно присуството на дискриминација во македонското општество е забележано и забрането како со Уставот на Р.М. така и преку конкретен законски механизам односно, преку функционирањето на Комисијата за заштита од дискриминација (формирана врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација) која има за цел да ја утврди дискриминацијата и да препорача начин на отстранување.
Од друга страна, заштитата на законските и уставните права на граѓаните е воспоставена преку воведувањето на институцијата Народен Правобранител во Уставот на Р.М. кој во своето делување особено внимание посветува на заштитата на начелата на недискриминација и правична застапеност на граѓаните во државните органи.
Во тој контекст од особен интерес е да се испитаат законските можности за заштита од дискриминација преку запознавање со работата на овие институции. Како да им се пристапи на наведените институции во случај на дискриминација, на кој начин институциите реагираат на случаите на дискриминација, што е добро, а што треба да се подобри во системот на заштита од дискриминација, какви се досегашните искуствата, се само дел од прашањата кои се од наш интерес.
Младите како сила за општествена промена се оние кои можат да бидат силен двигател против појавите на дискриминација. Своето знаење стекнато преку граѓанското образование во училиштата, но и преку работата на граѓанските организации од областа на дискриминацијата, можат конструктивно да го искористат и преку личен ангажман да помогнат во борбата со разните појави на дискриминација.
Ова е трета година како се одржуваат деновите на акција против дискриминацијата и милитаризмот. Во 2010 се одржаа во МКЦ во Скопје, во 2011 година во 4 градови низ Македонија, а оваа година „Деновите на акција ..“ ќе бидат централна јавна манифестација на регионалната мрежа „Регионални акции против дискриминацијата и милитаризмот“ која опфаќа 7 организации од Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Мировна акција е организација координатор на регионалната мрежа.
Манифестацијата „Денови на акција..“ е поддржана од страна на Норвешкото министерство за надворешни работи.
Агенда на Деновите на акција против дискриминацијата и милитаризмот 2012:
14.05.2012 (понеделник)
11:30 – 14:00 Тенда и штанд со промотивни материјали и можност за креативно оставање на пораки поврзани со дискриминацијата во Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп
15.05.2012 (вторник)
11:30 – 14:00 Тенда и штанд со промотивни материјали и можност за креативно оставање на пораки поврзани со дискриминацијата во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп
16.05. (среда)
11:00 – 14:00 Тенда и штанд со промотивни материјали и можност за креативно оставање на пораки од страна на граѓаните во центарот на Прилеп
17.05 (четврток)
Хотел „Кристал Палас“ – Прилеп
11:00 – 13:00 Јавна дискусија: „Дискриминацијата и механизми за заштита“
Модератор: Боро Китаноски – Мировна акција
Говорници:
- Томислав Ортаковски – Комисија за заштита од дискриминација
- Лилјана Илиевска – Заменичка на народниот правобранител
- Розита Гагалеска – професорка во СОУ „Кузман Јосифоски“ – Питу
- Тање Тренкоска – РОМА С.О.С.