Во Куманово на 9-ти Мај 2015 година се водела вистинска војна. Можеби ограничена, можеби само во две тесни улички, но она што го видовме вчера, скоро еден месец по настанот, само ја потврдува оваа констатација.
3-ти Јуни 2015 година
Куманово е раздвижен град. Не првпат доаѓаме тука и не првпат кружиме низ тесните центарски улици барајќи паркинг. По испиеното кафе, околу пладне, заедно со нашите пријатели, се упативме кон „Диво насеље“ или поточно, во улицата на настаните од 9-ти Мај 2015. Нè дочекаа локални жители уште на самиот влез во улицата. Бевме срдечно пречекани и заедно со неколкумина од нив во наредните скоро два часа пројдовме низ куќите каде се воделе борбите. Многу куќи се целосно уништени, друг дел со сериозни оштетувања, додека некои поминале само со по неколку куршуми. Шокира степенот на оштетувања направени за само едно деноноќие.
Слободно може да се каже дека е вистинско „чудо“, што немало цивилни жртви. „Среќа“ ни се чини недоволно силен збор за да се објасни тоа. Луѓето поминале низ тешка траума, некои од нив не можеле да избегаат од своите домови и по 20 часа од почетокот на борбите. Тука биле и млади и возрасни, сите во визбите. Во едно семејство ни кажаа дека се криеле во просториите каде живеат бидејќи немаат визба. Траумата низ која прошле овие луѓе е огромна. Кај некои од нив повеќе, кај други помалку видлива при прва средба. Се носат со тоа самите, кој како умее.
Дел од она што го видовме, може да го видите на фотографиите кои ги сликавме. Мирисот на изгореници и влага од визбите каде се криеле затекнатите цивили не можеме да го пренесеме. Тие говорат многу повеќе, а она што е недвосмислен заклучок е дека еднодневната војна во Куманово оставила сериозна трага врз овој дел од градот, а кај жителите од куќите каде се водеа борбите траума за цел живот.
Луѓето не испратија со зборовите: „Фала што дојдовте да не посетите, дојдете пак, оти со секое доаѓање на други луѓе, нам ни е по малку полесно.“
Faleminderit, ќе дојдиме.
Неколку улици подолу, Куманово си го живее својот редовен ритам, нормална врвулица низ центарот и гужви по улиците.
Она што е неопходно да се направи, покрај брзата санација на оштетувањата на имотите, е тоа на жителите да им се понудат и форми за поддршка и психолошко зацелување. Тоа не е само потреба на жителите од Диво насеље или на Куманово, ами на сите нас како сограѓани. Исто така, целосно да се расветли овој настан. Да се документира, како со факти, така и со сведоштвата на преживеаните. И се тоа со цел да реагираме како општество кое се грижи за своите сограѓани.
И да не дозволиме и ова да стане уште еден мит. А митовите се опасна работа, особено на Балканот.
МА