Многу е направено, но остана уште повеќе да се сработи. Вака накратко би можел да опишам до каде сме во овој момент со Иницијативата за основање на Регионална Kомисија за утврдување на фактите за воените злосторства и за другите тешки кршења на човековите права на територијата на некогашна СФРЈ.
Во jуни 2011 година Собранието на Коалицијата за РЕКОМ, во Сараево го утврди Предлог-статутот на идната Комисија за РЕКОМ . Тоа беше врв на повеќегодишната работа на Коалицијата за РЕКОМ, каде преку голем број консултации со различни општествени групи се дојде до предлог-статутот за идната Коалиција за РЕКОМ .Со тоа се заврши периодот кога Иницијативата беше целосно во рацете на Коалицијата. Наредните чекори, дефинирани во предлог-статутот, предвидуваат тесна соработка со државните институции за во една догледна иднина предлог-статутот за РЕКОМ да стигне на усвојување пред парламентите на 7-те земји кои произлегоа од некогашната СФРЈ.
Мировна акција одигра клучна улога во процесот за РЕКОМ во овој период. Организацијата ја координираше работата на Коалицијата за РЕКОМ во Македонија (изразена и директно преку Боро Китаноски како национален координатор), преку организирање една национална и две регионални консултации за статутот на РЕКОМ, учество и водење на делегациите од Македонија за консултации надвор од Македонија (со религиозни заедници, правници, жртви итн.).
Со сараевското собрание на Коалицијата за РЕКОМ се затвори едно поглавје на работата на Коалицијата. Во наредниот период дојде до значајни промени во начинот на дејствувањето на Иницијативата за РЕКОМ. Накратко, значењето и работата на Коалицијата за РЕКОМ значително се намали, а се промовираа „Јавни заговарачи” како носители на Иницијативата. Во продолжение се клучните активности поврзани со Иницијативата во последните 18 месеци:
Предавање на предлогот за основање на РЕКОМ на претседателите/претседателствата на Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Македонија, Црна Гора и Косово (јуни 2011). Целта беше во прво лице да се информираат претседателите за Иницијативата за РЕКОМ, за предлог-статутот на РЕКОМ и да се побара од нив јасна поддршка за овој процес. Македонскиот претседател не одговори на повикот за средба со претставниците на Коалицијата за РЕКОМ и покрај повеќето обиди од наша страна.
„!Глас”. Списанието „!Глас” на Иницијативата за РЕКОМ е информатор за активностите на Иницијативата, но содржи и многу текстови поврзани со соочувањето со минатото во регионот, па и надвор од него. Досега излегоа 11 броја. Повеќе информации може да се најдат на веб страницата на РЕКОМ, од каде може да се прегледаат сите досега излезени броеви .
Состаноци на Коалицијата за РЕКОМ. Во последната година се одржаа 3 состаноци на Коалицијата за РЕКОМ и тоа еден во Загреб на крајот на 2011 година и два состанока во 2012 година во Белград. Средбите беа од информативна природа, а учесниците беа информирани за активностите на Иницијативата, за тековните случувања значајни од аспект на транзициската правда во регионот, за работата на јавните заговарачи итн. Бидејќи бев присутен на овие средби, може да кажам дека нивната корист е мала во поглед на одржувањето на кондицијата на Коалицијата за РЕКОМ, што е основна цел на овие состаноци. Сепак, како многу значајна тема која се дебатираше на февруарскиот состанок во Белград, е создавање на т.н. „тврдо јадро” на статутот за РЕКОМ, што ќе ги претставува деловите од статутот за кои не смее да се водат преговори, туку ќе бидат еден вид „црвена линија” на Коалицијата при преговорите со државните функционери. Моите погледи за ова прашање се во засебен текст. Повеќе за состаноците на Коалицијата може да прочитате во списанието “!Глас”.
Јавните заговарачи и нивната работа. Есента 2011 година беа промовирани„ Јавните заговарачи”. Вкупно 8 на број, по еден за секоја од државите, освен за Босна и Херцеговина каде има двајца заговарачи. Нивната улога е промоција на идејата за основање на РЕКОМ преку средби со значајни државни функционери, амбасадори и други кои може да помогнат или да лобираат за основање на РЕКОМ. Нивната работа е и во насока на слушање на ставовите на државните функционери во врска со предлог статутот за РЕКОМ и известување на Коалицијата за тоа. Тие немаат мандат да преговараат за измени на предлог-статутот. Од Македонија е избрана проф. Билјана Ванковска од Филозофскиот Факултет при УКИМ во Скопје, а како локален заговарач е избран Оливер Станоески. Од позвучните имиња од другите земји, да го споменеме проф. Жарко Пуховски од Филозофскиот Факултет во Загреб. До денес, заговарачкиот тим од Македонија одржа неколку средби со амбасадори во Република Македонија, а во октомври 2012 и со претседателот на Република Македонија, г. Ѓорѓе Иванов. Од оваа средба не е добиена конкретна поддршка од претседателот на државата за предлог-статутот, туку само генерална поддршка на идеите за мир во регионот. Сепак, нешто во меѓувреме се промени, па на 30-ти ноември 2012 година, претседателот Иванов ги прими претставниците на РЕКОМ од Македонија, од Босна и Херцеговина и од Србија, Билјана Ванковска, Здравко Гребо и Наташа Кандиќ. Од оваа средба излезе официјално соопштение од Кабинетот на претседателот каде се цитира претседателот Иванов: „Секоја иницијатива која има цел утврдување на судбината на исчезнатите, а со тоа и оддавање почит на жртвите е важна и за жртвите и за нивните семејства и за целото општество” и во истото соопштение се продолжува со зборовите: „Претседателот Иванов ги поздрави активностите на Инцијативата за РЕКОМ во Република Македонија и во регионот, и ја нагласи неопходноста оваа иницијатива да се усогласи со правните системи, со уставните и законските можности во одделните држави”. Може слободно да се каже дека ова е досега најотворена и најконкретна поддршка од политичкиот естаблишмент во Македонија по прашањето за оформување на РЕКОМ. Политичката поддршка е продолжена и на средбата на проф. Ванковска со министерот за надворешни работи Никола Попоски на 4-ти декември каде што се вели: „Министерот Попоски изрази поддршка за активностите на РЕКОМ, потенцирајќи дека соочувањето со конфликтното минато и обелоденувањето на судбината на жртвите и исчезнатите е од големо значење за воспоставувањето на траен мир за идните генерации во регионот и дека е во духот на помирувањето во регионот “.
Јавни акции во Скопје. Јавниот заговарач организираше две промотивни акции во Скопје: 1)„РЕКОМ за нашата иднина” на 22.09.2012 во центарот на Скопје на улицата „Македонија” каде што граѓаните имаа можност да ја изразат својата поддршка за основање на РЕКОМ преку испраќање разгледници до претседателите на земјите од поранешна СФРЈ; и 2) „РЕКОМ за иднината на младите”, која претставуваше акција за собирање потписи за поддршка за основање на РЕКОМ на 24.10.2012 во Скопје на улицата „Македонија”.
Дебата: “РЕКОМ и помирувањето во Македонија”. Во ноември 2012 по подолго време пак се сретнаа поддржувачите на идејата од Македонија. Дебатата беше одржана по ослободителните пресуди во Хаг за хрватските генерали Готовина и Маркач и за припадниците на ОВК Харадинај, Баљај и Брахимај. Тоа, но и ситуацијата со таканаречениот „предлог-закон за бранителите” видно влијаеја на присутните. Но, уште побитни им беа, очигледно, други аспекти како почит кон жртвите и помирувањето. Присутни беа неколку членови од заговарачкиот тим, покрај Билјана Ванковска на трибината беа и Наташа Кандиќ од Србија и Здравко Гребо од БиХ. Панелистот Димитар Мирчев истакна дека сѐ уште не е дефинирано и не постои заеднички став за тоа што се случи 2001 во Македонија, што е слично со ситуациите во некои други земји во регионот во однос на нивните војни или конфликти и дека тоа го спречи помирувањето. Како повторувачки мотив кај бројните говорници се појави моментот дека наместо имиња и презимиња ни се презентираат само броеви, како загинатите, исчезнатите и раселените да немаат имиња. Гребо потенцираше дека може да се тврди дека војната во Југославија започна кога на вестите веќе не се слушнале имињата на загинатите, туку само бројки. На ова поле се гледаат напредоци со „Босанската книга на мртвите”и „Косовската книга на сеќавање 1998-2000″ , во кои авторите се обидуваат да ги документираат загинатите од војните во БиХ, односно на Косово. Како што нагласи панелистот Суад Мисими, токму во ова Македонија би можела да заземе водечка улога и да даде пример. Во споредба со ужасните војни во Хрватска, БиХ и Косово, во Македонија во 2001 имаше релативно мал број на загинати и за голем дел од нив постојат веќе интерни документи, така што би било релативно лесно да се создаде една комплетна документација со сите имиња и презимиња. Поддршка за ова Билјана Ванковска и Суад Мисими добија и од ветераните од 2001, кои во Македонија од почетокот ја поддржуваат иницијативата за РЕКОМ. Покрај нив, ветерани од двете страни,беа присутни и други директно засегнати на вооружениот конфликтот 2001, како, родител на загинат војник, раселено лице и човек кој загуби многу членови на семејство кои беа цивили. Нивното присуство и нивните говори го покажуваат нивниот висок и искрен интерес за процесот на помирување. Ако луѓето кои ги загубија најблиските, или својот дом, зборуваат за помирување, со кое право може некој друг кој не беше директно засегнат, да го става тоа под прашање?