Иницијативата за РЕКОМ се залага за формирање на Регионална комисија (РЕКОМ) за утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки кршења на човековите права на територијата на некогашна СФРЈ во периодот од 1991 до крајот на 2001 година.
Првите консултации на Иницијативата за РЕКОМ во Македонија се одржаа на 3. Јули 2010 година во Скопје. Се работеше за регионални консултации со претставници на граѓанските организации. На нив присуствуваа 60тина учесници, мнозинството од Македонија. Во тој период организацијата на консултациите ја водеше Јасмина Најдовска. Почнувајќи од Септември 2010 година, и формално се екипираше тимот во Македонија, па јас ја прифатив задачата на национален координатор на Иницијативата за РЕКОМ за Македонија, а Мировна акција од Прилеп стана партнер организација. Во текот на Септември вложувавме големи напори во доекипирање на тимот и така најпрвин Фросина Пандурска ја прифати позицијата на ПР за Македонија, а покасно, Гордана Дувњак на позицијата на членка на Координацискиот Совет од Македонија. Од голема помош беше и ангажманот на Горан Талески од Мировна акција.
Мировна акција испрати писмо со намера за зачленување во Иницијативата за РЕКОМ уште веднаш штом чувме за иницијативата. Воопшто не се двоумевме за користа и благородноста на идејата која веќе зела замав во сите поранешни Југословенски држави, освем во Македонија и Словенија. Во периодот Јули – Септември се приклучија и организации од Македонија и Словенија. Во Македонија, првиот бран на поддршка стигна од здруженијата на поранешните борци, од „обете страни” како и здружението на исчезнатите Македонци од 2001та. Преку процесот на консултации, коалицијата од Македонија раснеше со поголем број на разновидни организации од граѓанското општество. Увид во членството има на сајтот на Иницијативата: www.zarekom.org
Во меѓувреме, беа организирани Регионални консултации со претставници на локалните власти во Мостар, БиХ (на кои учествуваа претставници од Тетовската општина), Регионални консултации со здруженија на жртви во Сараево, а подоцна и едни во Приштина (на кои учествуваа претставници од Липковско/Кумановско и од Тетово), Регионални консултации со претставници на верските заедници и црквите во Сараево (на кои имаше и високи претставници од МПЦ и ИВЗ), Регионални консултации за новинари во Љубљана (повторно со претставници од македонските медиуми), Регионални консултации со правници во Белград (со присуство на истакнати правници од Македонија), Регионални консултации со студенти во Загреб (со присуство и на повеќе студенти од Македонија), а се случи и големиот Форум на Коалицијата во Загреб на кој меѓу повеќето присутни од Македонија, забележлива беше и поддршката на пратеничката од ДУИ г-ѓа Зумрете Јакупи. Од сите учесници на консултациите и на Форумот во Загреб, Иницијативата доби недвосмислена конструктивна поддршка која често беше и во форма на предлози за подобрување на Нацрт Статутот на идната Регионална Комисија која ја заговараме со оваа иницијатива, со конкретни предлози. Во Септември се случија и две значајни средби: Иницијативата за РЕКОМ беше претставена пред претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ (на која бев и јас присутен како претставник од Македонија) и претседателот на Србија, Борис Тадиќ. И двајцата претседатели дадоа јасна поддршка на идејата за формирање на Регионалната Комисија.
На 20.11.2010 година, во Скопје, ги организиравме Националните консултации со претставници на граѓанските организации од Република Македонија. Присуствуваа околу 50тина претставници од граѓански организации. Низ дискусиите беше недвосмислено искажана поддршката на учесниците за оваа иницијатива. Она што беше видно забележливо беше големото учество на здруженијата на поранешните борци. За оние кои дневно се бават со проблематиката на изградбата на мирот во Македонија, тоа и не беше големо изненадување. Сме забележале дека изградбата на мирот преку отворање на темите од минатото на војната од 2001та не е многу популарно помеѓу пошироката заедница на граѓански активисти, но кај здруженијата на поранешните борци секако е. Тоа за нас беше силен сигнал дека оваа иницијатива има потенцијали да ги отвора вистинските прашања и во истовреме да понуди рамка која ќе биде доволно инклузивна и ќе може да обезбеди поддршка од еден поширок спектар на луѓе кои имаат интерес и силна емотивна потреба да се зборува за минатото. Да не се заборават работите кои се случија и да не се поттурнуваат под тепих.
Неполн месец дена подоцна, на 18.12.2010. во Скопје, ги организиравме Регионалните консултации со здруженијата на ветерани. Импресивно беше само да се погледне како близу 60тина претставници на здруженијата на ветерани од сите екс – Југословенски земји седат на иста маса, еден наспроти друг и зборуваат за потребата да се соочиме со минатото. Претставниците на некогаш завојуваните страни во војните 1991 до 2001 овојпат во една атмосфера на меѓусебна доверба имаа конструктивна дебата и многу одлични забелешки на Нацрт Статутот.
На 29.01.2011. повторно во Скопје, организиравме Регионални консултации со претставници на немнозинските заедници на кои присуствуваа 60тина претставници на немнозински здруженија и политички партии од сите екс – Југословенски земји. Она што беше забележливо беше сознанието дека сите етнички/верски заедници на овие простори кои се мнозинство во една одредена територија, се исто така и малцинство во некоја друга. Иницијативата доби силна поддршка и на овие консултации.
Боро Китаноски
Национален координатор на Иницијативата за РЕКОМ за Македонија
Програмски координатор во Мировна акција, Македонија