На островот Раб, од 29-ти јуни до 3-ти јули се одржа летната школа „Културата на сеќавање во современа Европа“, организирана од повеќе организации од Хрватска, Србија, Македонија, Словенија и Италија, а во координација на Документа – Центар за соочување со минатото од Загреб. Мировна акција беше дел од осумте организации кои ја организираа летната школа.
Конференцијата започна со воведното излагање на проф. Жарко Пуховски на темата „Соочување со политичката репресија во Европа во дваесетиот век“. Емрах Реџепи од Мировна акција учествуваше на панел дискусијата „Сеќавањето на фашизмот и национал-социјализмот у националните контексти“ каде зборуваше за контекстот во Македонија, посебно фокусирајќи се на фашистички тенденции во денешна Македонија. На панел дискусијата учествуваа и претставници од Италија, Србија и Словенија.
Во делот што следуваше се одржаа три работилници. Меѓу тие нив, беше и работилницата „Користењето на оралната историја во изградбата на мирот“ која ја одржа Горан Талески од Мировна Акција. На работилницата учествуваа 16 учесници од повеќе земји и тие имаа можност да поминат низ неколку вежби за изградба на мир. Работилницата беше интерактивна, и со учесниците се разви отворена и сушттинска дискусија околу значењето на сеќавањето, помирувањето, сведоштвата, амнестијата, судовите и ред други елементи на справувањето со минатото и изградбата на мирот. Другите две паралелни работилници беа „Демократија и отпор“ на Тамара Милаш и „Слики на современиот отопор“ на Киара Перини и Алесандо Катунар од Италија.
Попладне истиот ден, после едно предавање за фашистичкиот логот Кампор (италијански логор од Втората Светска војна на островот Раб) и запознавање со иницијативата за негова меморијализација, бевме во посета меморијалните гробишта Кампор под водство на проф. Иво Бариќ.
Следниот ден имавме можност да присуствуваме на панел дисусијата „Сеќавањето на политичката репресија на социјалистичките и комунистички режими во средна, јужна и источна Европа – Искуства од поединечни земји“ каде зборуваа претставници од Германија, Хрватска и Црна Гора.
Во попладнето на третиот ден, после предавањето „Памтење на политичката репресија во Југославија – Голи Оток“ бевме на посета на Голи оток каде имавме можност да ги посетиме повеќето објекти изградени за и од затворениците и жртвите на политичката репресија од СФРЈ во периодот 1948-1956. Воедно на посетата имаше и уметнички перформанс од Дамир Чаргоња – Чарли, во знак на почит и сеќавање на Анте Земљар. Емрах Реџепи подготви и фото-репортажа од Голи Оток која може да се погледне на овој линк.
На третиот ден присуствувавме на панел дискусијата „Предизвици на меморијализацијата на островот Раб“ каде учествуваа претставници од Документа, Здружението Голи Оток Анте Земљар, Здружението на Антифашисти на Раб, и локалните власти, при што се разви жешка дискусија околу социјалистичкото минато, затворениците и жртвите на Голи оток, а и уметничкиот перформанс на Чоргоња.
Веднаш после тоа следуваше панел дискусија на тема „Уметноста како отпор кон репресијата“ каде зборуваа уметници од Хрватска и Србија, вклучувајќи ја и Борка Павичевиќ од Центарот за културна деконтаминација од Белград.
Денот заврши со прикажување на филмовите „Голи оток“ и „Голи“ и дискусија со режисерите на истите, а летната школа заврши следниот ден со сесијата за заклучоци и препораки.
На Летната школа зедоа учество и разни организации, институции и музеи од Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора, Италија, Германија, Полска итн.