Боро Китаноски
Во организација на Мировна акција / Aksioni Paqësor, Прилеп и Тетово, од 15ти до 25ти април во Крушево, се одржа напреден тренинг за изградба на мир „10 Дена мировна република“. Ова е прв напреден тренинг во програмата за Соочување со минатото и дојде после 6 основни тренинзи организирани за учесници/чки од Македонија. Заради тоа и побаравме поддршка од пријателите/ките од ЦНА Белград / Сараево со учество во тренерскиот тим. Тој беше составен од: Боро Китаноски, Горан Талески, Фланза Јусуфи и Катарина Миличевиќ.
Програмата на тренингот беше замислена како продлабочување на темите веќе обработувани на основните тренинзи со намера и да се продлабочат поконкретни активистички алатки. Второто, како течеа подготовките, сепак се покажа како недоволно соодветно за целата група. Самата група беше составена од учесници/чки кои веќе прошле низ основен тренинг кај Мировна акција, а имавме и учесник кој бил на основен тренинг кај ЦНА, што исто така го сметаме за високо релевантен праг за учество на напреден тренинг.
Како голем проблем во последните денови пред тренингот се покажа одлуката на претседателот на државата за аболиција на осомничените за сторени кривични дела под надлежност на СЈО која предизвика оправдани масовни и секојдневни протести низ целата земја, кои дури и резултираа со уапсени активисти. Заради тоа, добар број на потврдени учесници/чки, особено активистичкиот дел од групата, со жалење откажаа учество на тренингот. И самиот тренерски тим на неколку дена пред тренингот се најде во дилема како понатаму. Сепак превагна сфаќањето дека кризата во која се наоѓа Македонија нема да престане за 10 дена, колку што трае тренингот и дека процесите со кои се фаќаме во костец и како активисти/ки, особено низ нивна разработка на тренингот се долгорочни и зајакнување на една група на учесници/чки за понатамошен активизам има и тоа како смисла.
Самиот тренинг во вакви услови донесе свои предизвици и креираше динамики на кои требаше соодветно да се одговара. Видливо беше враќањето на „чекор назад“ кај дел од учесниците/чките во споредба со основните тренинзи на кои биле, особено во поглед на темите од соочување со минатото. Се чувствуваше некакво повторно вкопување во позиции или чувство дека сега, заради кризата во која е Македонија, имаме на некој начин поважни работи од соочувањето со минатото. Не сум начисто за причините за тоа. Од една страна можеби преовладуваше чувството дека крунските чекори кон соочување со минатото на конфликтите, на лично ниво, се направени на основниот тренинг и сега е време за чекор понатаму. Од друга страна, веќе подолго време чувствуваме едни тенденции, особено кај помладите генерации (а повеќето од учесниците/чките беа млади под 30г. старост) дека тоа се прашања на минатите генерации и дека не се подготвени премногу да се оптоваруваат со нив, а исто така имаат и радо ја демонстрираат желбата за преку-етничко, заедничко делување. Веројатно е комбинација од двете (ако не и повеќе), но за нас е вредно да се нотира.
Оваа подготвеност за заедничко делување, која впрочем ја гледавме не само на нашите тренинзи, ами и на улиците по градовите низ Македонија минатава година е нешто кое обврзува и во исто време потсетува дека во таа енергија мора да се вткајат разработки на конфликтите од минатото ако сакаме да добиеме штоф кој ќе е поцврст и траен.
Беа многу квалитетни искуствените вежби, особено разработката на темите од креативна разработка на конфликти, што зборува за креативниот потенцијал на оваа група на учесници/чки.
Во самиот тренерски тим постоеја одредени предизвици поврзани со комуникацијата, уигрувањето и здравствени проблеми, што беше нешто со кое се износивме. И во таа смисла ова беше зајакнувачко искуство како за членовите на тимот, така и за Мировна акција.