Хотел „Кристал Палас“ Прилеп
Принципот дека сите човечки суштества имаат еднакви права и со нив треба да се постапува еднакво е камен темелник на поимот за човекови права и тој произлегува од нераздвојното – вроденото и еднакво човечко достоинство на секој поединец. Сите граѓани треба да ги имаат истите права и привилегии, бидејќи секој е еднаков пред законот и затоа има еднакво право на слобода и правда. Меѓутоа ова природно право на еднаквост никогаш не им било во целост овозможено на сите луѓе ниту во минатото ниту во сегашноста. Дискриминацијата во една или во друга форма отсекогаш била проблем од почетокот на човештвото. Дискриминацијата се појавува во толку многу форми и може да се претпостави дека секој бил засегнат од неа во различни степени. Затоа од основна важност е да се има свест за ова прашање за да може ефикасно да се справиме со него.
Дискриминацијата независно од која и да е основа ги попречува луѓето еднакво да ги остваруваат своите права и избори, а тоа не само што резултира со економска и општествена несигурност, туку исто така влијае и врз самопочитта, самоопределувањето и човековото достоинство на дискриминираното човечко битие. Поединецот има право на целосна вклученост во граѓанскиот живот на неговата заедница, регион или држава. Колку еден граѓанин целосно го користи правото да биде вклучен и да учествува се остава на негова дискреција, меѓутоа ова право не може да се скрати.
Здружението Мировна акција организираше јавна дискусија на тема: „Дискриминацијата како пречка при интеграцијата во општеството“ во рамките на манифестацијата „Денови на акција против дискриминацијата и милитаризмот 2013“ со цел подигање на јавната свест за различните видови на дискриминација во нашето општество, споделување на искуства, проблеми, мислења и насоки за идни чекори.
На дискусијата во својство на говорници беа:
• Александра Стојаноска, Мировна акција,
• Розита Гагалеска професор во СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“
• Весна Миланоска професор во СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“
• Доан Сулејманоски, Здружение на млади економисти
Јавната дебата ја отвори Александра Стојаноска од Мировна акција која накратко го претстави регионалниот проект и регионалниот настан „Денови на акција против дискриминацијата и милитаризмот“, а потоа следеше претставувањето на говорниците и нивните излагања.
Александра во својство на говорник даде еден вовед во темата и говореше за присутноста на дискриминацијата во општеството, за интеграцијата како процес во општеството, проблемите при интеграција и на крај за идните насоки и активности за делување во борбата против дискриминацијата.
Професорката Гагалеска даде теоретско објаснување на поимите, потоа зборуваше за дискриминацијата генерално и за најчестите и најзастапени облици на дискриминација во нашето општество. Таа започна со објаснување на поимот „дискриминација“ и продолжи да говори за промените односно за тоа како дискриминацијата била согледувана и разбирана низ времето (од Римската Империја па се до денес). Нејзината клучна поента е дека само луѓето кои ја разбираат дискриминацијата, знаат дека се дискриминирани. Таа исто така даде вовед и во Универзалната декларација за човекови права, како и многу примери за прекршувањето и неприменувањето на Декларацијата од некои земји потписнички на оваа Декларација.
Професорката Миланоска главно преку примери говореше за неколку видови на дискриминација и тоа: родова дискриминација, возрасна дискриминација при вработување, национална дискриминација и политичка дискриминација.
Доан Сулејманоски говореше на темата од правен аспект, а потоа сподели свои искуства и примери за дискриминација.
После излагањата на сите говорници следеше дискусија каде што се вклучија присутните учесници со поставување на прашања, споделување мислења и искуства. Повеќето од прашањата и мислењата се однесуваа на родова дискриминација, етничка дискриминација и дискриминација на социјална основа.