Милан Цолиќ
Центар за воена траума, Нови Сад, Србија
За некој да се занимава со размислување за улогата на ветераните во изградбата на мирот, мора најпрвин да се позанимава со себе. Да речеме, може да почне со прашањето: Кој има право да се занимава со изградбата на мирот?
Нема баш нешто многу „мировници” во овој наш регион, како ни во кој било друг регион. Тие кои работат на тоа, често се чувствуваат многу осамено. Некои од нив најдоа начин „да сторат најмногу што можат”. Некои размислуваат како да сторат и нешто повеќе од тоа. А некои, пак, многу уморни и по малку веќе оддалечени од реалноста, водат некои свои борби, лути на поддршката која изостанува. Во овој текст ме интересираат оние кои би направиле и нешто повеќе од „она што е во нивна моќ”.
Не е тешко некому да му се оспори правото да се занимава со изградбата на мирот. Можете да се повикате на неговото/нејзиното минато. Или да му/и најдете мани во мотивацијата. Можете да му/и ги оспорувате квалитетите, да се сомневате во капацитетите. Ама, се се може ако се тргне со таа намера. Поважно, а и потешко прашање е: како да се уочат тие квалитети, капацитети и мотиви во луѓето околу нас?
Често зборуваме за потребата од сојузници во изградбата на мирот. И сакаме да ги вклучуваме луѓето. Ги повикуваме медиумите „зашто ја прават видлива нашата работа”, ги вклучуваме наставниците „затоа што го мултиплицираат знаењето”, политичарите „затоа што донесуваат одлуки”… Има, се разбира, уште пар „привлечни” општествени групи. Пронаоѓаме во нив искри на активност, добра намера, личен мотив…
Пред десетина години, неколку луѓе започнаа да зборуваат и да работат на нешто што никако не се вклопуваше во овие „мировни навики”. Зборуваа за воените ветерани како партнери во процесот на изградбата на мирот. Ги правеа првите чекори во таа насока. Некои ги поддржаа. Други пак, се дистанцираа, а некои трети ги осудија, зборувајќи за релативизирање на жртвите, злосторствата и насилството.
Дали тие луѓе тогаш направија нешто добро за изградба на мирот? Тоа е прашањето на кое ќе се обидам да одговорам, гледајќи во сето она што се случуваше после тоа, и во она што се случува денес. Неколку организации и поединци во овие десет години работеа на тоа, но, сосем е корисно резултатите да се гледаат како заеднички.
Како одеше?
Тргна полека, со трибините „Четири погледи” на кои учествуваа ветерани од разни земји. Се настапуваше низ Србија, Црна Гора, Босна. Не секоја приказна беше згодна за сечие уво, но секоја беше дел од реалноста во која живееме.
Се работеше на развој на психотерапевтскиот пристап спрема воените ветерани и воспоставувањето неколку советувалишта како форма на поддршка. Се работеше со многу стручњаци и институции на едукација и на информирањето.
Се продолжи со одржување средби на воените ветерани, на кои се занимававме со искуствата од војните. На некои се занимававме со ПТСП, со траумите и со последиците, на некои други со одговорноста и изградбата на мирот. Некои беа наменети за триаголникот Хрватска-БиХ-Србија, некои за ветераните Косово-Србија, а некои пак беа фокусирани на поединечни држави или региони. Десетици ветерани посетуваа повеќедневни семинари, едукации, тренинзи, обуки. Се работеше на себеси, на стравовите, на проблемите, на општеството. Многу се работеше на минатото. И уште толку на сегашноста и иднината. имаше тешки ситуации, предизвици, бавно напредување, но и поттици, охрабрувања и чувства на големи успеси.
Тогаш дојдоа и документарните филмови за воените ветерани. Па ветеранските групи за поддршка (самопомош), потоа и „Замир”, мрежата на ветерански и цивилни здруженија во Хрватска. Се создаде и здружението Воени ветерани за мир во јужна Србија. Се работеше на формирање на голема регионална платформа / програма за работа со воените ветерани од која не се изроди планираното, но се изродија многу други работи.
Издадени се книги за воената траума, потоа книги со личните приказни на ветераните од Хрватска, Србија, БиХ, Македонија. Направени се неколку регионални средби и конференции наменети за ветераните и мировниците. Со различни ветерански групи и здруженија се работеше на едукација и зголемување на капацитетите.
Каде сме денес?
Во моментов, неколку десетици ветерани многу интензивно учествуваат во програмите за изградба на мир во регионот. Некои од нив учествуваат на посети на губилиштата, местата на кои гинеа луѓе во војните. Други се вклучени во работата на формирање Регионална комисија за вистина и помирување (Иницијатива за РЕКОМ з.н.). Трети учествуваат во дијалозите „Ветераните и младите” низ Србија. Некои водат групи за поддршка, некои се вклучени во уметнички проекти кои се занимаваат со минатото. Некои, пак, се вклучени во сето ова по малку.
Ветераните патуваат низ регионот и се сретнуваат со ветераните од другата земја. Од самите ветерани произлезе и идејата за формирање регионална ветеранска мрежа на организации, мрежа која ќе биде насочена кон изградбата на мирот. Се повеќе медиуми се интересираат за овие теми. Се повеќе има луѓе кои од различни бранши почнуваат да ги доживуваат ветераните како битна општествена група. Расте бројот на мировници кои почнуваат да ги доживуваат ветераните како свои потенцијални соработници.
Времето одминува, а се повеќе истражувачи, медиуми и организации од странство се јавуваат и бараат пригода да известуваат, да учат или да воспоставуваат партнерства на ова поле.
Неколку локални и државни фондови ги финансираа програмите во кои се вклучени ветераните. Започнуваат партнерствата со некои центри за социјална работа, со факултети, со здравствени установи. Невладините организации започнуваат да ги споменуваат ветераните во своите програми и цели.
Го гради ли сето ова мирот?
Ќе се обидам да набројам неколку резултати и тоа на што е можно побанален начин:
– Ветераните од, до вчера завојуваните страни, заедно молкум стојат на местата на воените страдања.
– Започнува да се зборува за постоење на психичките последици од војните како што е „виетнамскиот синдром”.
– Некои ветерани седат во групи кои ги водат ветерани и се обидуваат да се носат со тешкотиите кои ги притискаат.
– Групи млади луѓе слушаат за стравотиите и последиците од војните од прва рака.
– Некои уметници ги истражуваат потенцијалите во соработка со ветераните.
– Ветераните се појавуваат во медиумите и зборуваат за изградбата на мирот и својата улога во тој процес.
– Луѓето кои пукале едни на други меѓусебно се посетуваат во регионот и си даваат поддршка едни на други во разни залагања.
– Се повеќе институции и поединци/ки прифаќаат или нудат соработка со организациите кои се занимаваат со овие прашања.
…
Јас сега нема само да тврдам дека ветераните можат да градат мир, туку прилично самоуверено ќе отидам и чекор понатаму и ќе го изнесам ставот дека, покрај тоа, ветераните внесуваат и нов бран оптимизам и мотивација на луѓето кои се занимаваат со тој процес. Некои од ветераните се уште ги гледаме како корисници на овие процеси; некои други како соработници на нив. Но, се повеќе се оние кои самите започнуваат да носат и да произведуваат процеси.
Имам впечаток дека има уште многу нешто да се открива на ова поле. Процесите полека добиваат свои имиња, но не и граници. Така, се формираат и имиња како „Конструктивна употреба на ветеранското искуство”, „Дијалози на ветераните и …”, „Работа на воената траума”, „Учесниците во војната како градители на мирот”,… некои од тие процеси се единствени во светски рамки, а некои се потпираат врз други искуства.
Уште многу работи не чекаат да се соочиме на патот на поправањето на она што е срушено. Се време научивме дека тоа не се патишта по кои не води GPS уредот во возилото. Многу од патиштата се разгрануваат и понатаму. Многу од нив допрва треба да ги изградиме. Способноста да се зачува во себе подготвеноста различните луѓе да ги гледаме како партнери не е ни лесна, а ни тешка задача. Како и да е, можеме меѓусебно да се учиме како. Потоа станува полесно.
Се разбира, не секогаш. Ама, се почесто.