Со децении историчари и новинари користеа бројка од околу 300.000 загинати во воздушните напади од британски и американски авиони во февруари 1945 година врз Дрезден. Понекогаш се споменуваат дури бројки до 500.000 жртви и повеќе. Во ужасите од бомбите и во пожарите целосно изгореле телата на мртвите, затоа никогаш не биле пронајдени остатоци. Дали навистина беше така?
Градоначалникот на Дрезден по иницијатива на граѓаните и со поддршка од градската управа, повика комисија чија главна задача беше утврдување на бројот на загинатите од воздушните напади врз Дрезден. Покрај тоа требаше да се испитува отвореното прашање дали населението беше нападнато од оружје на нисколетачки авиони и да се соберат лични изјави од сведоци кои ќе бидат достапни за понатамошни истражувања. Ова беше во 2004 година, речиси 60 години по бомбардирањето.
Дрезден беше град со многу големо културно благо, но и со воени установи, индустрија и важна инфраструктура. На почетокот од Втората светска војна, Дрезден имаше околу 640.000 жители, но во текот на војната бројот на луѓето кои престојуваа во градот постојано се менуваше. Од една страна градот загуби жители: млади мажи отидоа како војници во борбите, евреите и другите жртви на холокаустот беа депортирани, некои жители се иселија во околните села поради недостигот на храна или станбен простор, или поради страв од воздушните напади. Но имаше и прилив: заробени кои беа присилени да работат во фабриките и, особено во 1945 година кога советската војска веќе освои доста територии на исток, многу германски бегалци од тие источни краишта беа сместени во градот. Затоа до ден-денеска е спорно колку луѓе беа во Дрезден кога паднаа бомбите.
Веднаш по воздушните напади, пропагандата на нацистичката Германија ги искористи да покаже колку брутално противниците убија германски цивили. По војната, Дрезден беше во тогашната советска зона и дел од Источна Германија, чиј став беше дека западните сили намерно сакаа на Советскиот Сојуз да му остават разрушена источна Германија. Бидејќи никогаш не беше целосно испитано колку луѓе умираа во нападите, имаше многу различни бројки: од 20.000 па до бројки со шест цифри. Британскиот историчар Дејвид Ирвинг пишуваше книги и држеше говори во кои ги опишува воздушните напади како геноцид, употребувајќи бројка до 250.000 мртви. Меѓу германските неонацисти неговите изјави станаа многу популарни и овие големи бројки беа искористени да ги релативизираат злосторствата на нацистичката Германија; го нарекуваа бомбардирањето на Дрезден „бомбентерор” и „бомбенхолокауст”. Иако беше докажано дека Ирвинг свесно употребуваше фалсификувани документи, остануваше нејасно колку луѓе починаа во нападите од 13 и 14 февруари 1945 година.
Токму поради овие нејасности и контроверзи, беше формирана комисијата. Нејзината работа беше најтемелно испитување на таа тема и опфаќаше испитување на веродостојноста од други објавувања, истражувања во најразлични архиви и регистри, оценување на археолошки истражувања, воено-технички истражувања, но и интервјуа со сведоци. Извештајот беше предаден во март 2010 година. Во него пишува: „Како последица од војната која произлезе од Германија, Дрезден во последната година на војната беше тешко разурнат. Во тек од неколку часови умираа илјадници луѓе – цивили и воени лица, граѓани на Дрезден и бегалци, но и присилни работници, уапсени и воени заробеници. За малобројните еврејски сограѓани кои уште не беа убиени, воздушните напади во истата мерка значеа опасност и спас од депортацијата. Предуслов за одговорно сеќавање на судбината на сите овие луѓе е сериозен и траен напор за правилноста на историската слика.” Истражувањата на комисијата докажаа дека температурите во пожарите не беа доволни за човечки тела да изгорат без траги и дека дури во таква катастрофа и при крајот на војната имињата на загинатите, закопаните и исчезнатите беа речиси доследно регистрирани. Речиси е исклучено дека имаше напади од нисколетачки авиони на луѓето во градот. Резултатот на комисијата е дека идентификувани жртви има околу 18.000 и вкупниот број на мртвите не е поголем од 25.000. Тоа е огромен број на страдања, но доста помал од некои бројки во претходни објавувања. Особено од луѓето кои преживеаја такви ужасни воздушни напади комисијата беше критикувана кои велат дека сигурно имало многу повеќе жртви. Ролф-Дитер Милер, претседателот на комисијата во интервју за германскиот весник „Велт” изјави: „Имам разбирање за тоа, ако одделни сведоци кои како деца ја преживеаја катастрофата се обидуваат да го сфатат ужасот со такви фиктивни бројки. Други поумерено го гледаат доживеаното. Но, немам разбирање за бесрамната злоупотреба која се води со споменот на мртвите, ако многу претерани бројки мора да служат за искривување на случајот „Дрезден” како најголемо воено злосторство на сите времиња.”
За сите заинтересирани за повеќе истражување на темата:
http://www.telegraph.co.uk/news/newstopics/onthefrontline/3123512/Dresden-bombing-death-toll-lower-than-thought.html
http://www.toytowngermany.com/lofi/index.php/t111053.html
http://www.welt.de/kultur/article726910/Wie_viele_Menschen_starben_im_Dresdner_Feuersturm.html
http://www.dresden.de/de/02/110/03/c_015.php
http://www.dresden.de/de/02/110/03/historikerkommission/01_mitglieder.php
http://www.dresden.de/media/pdf/infoblaetter/Historikerkommission_Dresden1945_Abschlussbericht_V1_14a.pdf