На островите Раб и Голи Оток, во Хрватска, од 29-ти јуни до 3-ти јули ќе се одржува летната школа „Културата на сеќавање во современа Европа“, организирана од повеќе организации од Хрватска, Србија, Македонија, Словенија и Италија, а во координација на Документа – Центар за соочување со минатото од Загреб.
Програмата на Летната школа вклучува презентации и панел дискусии на разни теми поврзани со европското минато со посебен акцент на фашизмот и национал-социјализмот, посети на места со посебно историско значење, перформанси и работилници.
Мировна акција соработува со Документа на проектот „Лица на отпорот“, а воедно и ќе учествува на Летната школа. Горан Талески од Мировна акција ќе одржи работилница за „Користењето на оралната историја при изградбата на мирот“ а Емрах Реџепи ќе биде говорник на панел дискусијата “Сеќавањето на фашизмот и национал-социјализмот во различни национални контексти“.
На Летната школа ќе учествуваат разни организации и институции од Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора, Италија, Германија, Полска итн.