Во рамките на регионалниот проект „Регионално младинско вмрежување против дискриминацијата во западен Балкан“ на 5ти и 6ти мај во хотелот „Кристал Палас“ Прилеп, Мировна акција организираше Локална викенд работилница за сензибилизација за дискриминација.
Целна група на оваа дводневна Локална викенд работилница беа млади на возраст од 17 до 26 години.
Дводневната работилница беше конципирана на партиципативен метод на сите учесници со практична работа во парови и групи, дискусии во пленум, презентации, браинсторминг.
На работилницата учествуваа 15 млади учесници од Прилеп и Битола. Преку интерактивна работа учесниците ги разработуваа различните видови на дискриминација, нивната меѓусебна поврзаност како и начините за одговор на појавите на дискриминација.
Покрај овие теми и прашања младите учесници на работилницата се запознаа и со основите на ненасилна комуникација, различните перцепции и важноста за нивно прифаќање, предрасудите и осветувањето за нивната улога при градењето на сопственото мислење.
Учесниците имаа можност и подобро да се запознаат едни со други, да разменат идеи и искуства, ги споделија своите мислења и ставови за појавите на дискриминација во нивната средина, стекнаа нови знаења и искуства, работеа на сопствените ставови и размислувања.
Во своите евалуациски излагања учесниците истакнаа дека работилницата беше одлично организирана и водена, а посебно задоволство искажаа за интерактивниот и партиципативен метод на работа каде што секој учесник може да ги искаже своите размислувања, ставови и идеи. Исто така, младите учесници покажаа голем интерес и ја потврдија потребата за организирање на други вакви активности и работилници од ваков тип.