Боро Китаноски
Конференцијата се одржа од 4ти до 8ми Јули 2014. Ова е прв пат WRI да одржува конференција во Африка (имало други настани, конференцијата доаѓа како продолжение на традицијата на големи триеналиња кои ги организира WRI и кои во последните години често се паѓаа на 4, наместо на 3 години :), најчесто како резултат на хроничното немање средства за интернационални настани од овој калибар.)
Интегрално за Конференцијата и сите други настани поврзани со неа, може да прочитате на овој линк. Конференцијата беше организирана со утрински пленарни сесии, потоа паралелно одеа 13 Тематски групи, попладнињата беа исполнети со паралелни работилници и завршен пленарен собир на крај, пред разните опции за вечерна програма.
Целата програма се наоѓа тука. Галерија со фотографии има тука, додека изложбите може да се најдат на овој линк.
Конференцијата сама по себе беше импресивна, заради богатата историја на конфликти и социјален отпор кој Африка го нуди. Имаше преку 450 луѓе, мнозинство од разни делови на Африка, но и голем број на интернационални активисти/ки.
На отворањето збореа повеќе луѓе, меѓу кои и Кенеди Мабаса, Доминик Салард и Кристин Швајцер од WRI, Џени Вилијамс, Сахар Варди од Палестина, Омар Баргути (ко-основач на BDS), Дезмонд Туту,…
https://www.youtube.com/watch?v=UEqhb5FFspA
Јас бев повикан од страна на WRI да ко-фацилитирам една од тематските групи за Соочување со минатото. Оригинално, групата требаше да биди фацилитирана од луѓе од Африка (Дора Урујени од Руанда и Тим Мурити од ЈАР). На крајот на краиштата, се наоѓаме во Африка, уште повеќе, во ЈАР со исклучителната историја на апартхејдот и годините потоа, очекувано беше локални луѓе да ја водат оваа тема. Но, во последен момент Дора не доби виза и канцеларијата на WRI ме замоли да помогнам. На крај ја фацилитирав групата со помош на Роберта Бачиќ (Чиле / Лондон / Северна Ирска).
Покрај тематската група и конференцијата, ова патување ми овозможи исто така да присуствувам и на уште неколку настани важни за WRI:
- Заедно со Игор Секе од Мексико (претходно Србија и Шпанија) одржавме работилница на тема: Пораст на национализмот и одговорите на мировното движење?
- Како член на Советот на WRI во заминување, учествував на состанок на советот пред самата Конференција, како и на WRI бизнис состанокот. После 8 години во 2 маднати како интернационално избран член на Советот на WRI, одлучив да не се кандидирам повеќе и да останам активен во работните групи кои ме интересираат и каде можам најдобро да придонесам во рамки на времето кое можам да го посветам.
- Учествував на состанокот на Комитетот за програмата Право да одбијам да убивам на 9ти Јули.
- Учествував на првиот дел од состанокот на новоизбраниот Совет на WRI.
Тематска група за Соочување со минатото,
4 – 8 Јули, 10:30 – 12:45 секој ден
Поради проблемите со визата на Дора Урујени, реално имав кратко време за подготовка и запознавање на учесниците. Имав основни идеи за тоа како да ја водиме работата со групата, но клучните работи беа оставени да се планираат откако ќе се запознаеме подобро во групата со намера да се оцени кои се поточно потребите на учесниците.
Групата беше „шарена“, во секој поглед. Мнозинството луѓе доаѓаа од повеќе Афрички држави (ЈАР, Либерија, Нигерија, Мозамбик,..), како и некои луѓе од Европа, САД и Шри Ланка. Тоа овозможи размена на искуства на такво ниво, што само по себе претставуваше исклучителна и ретка можност.
Некои луѓе имаа лични искуства со војни, некои и како директни учесници, некои беа жртви. Еден беше поранешен борец (киднапиран како дете и мобилизиран во бунтовничка група), една политичка активистка со години затвор.
Некои луѓе имаа многу силни лични искуства од војните од нивното минато, некои веќе доаѓаа од активистички групи, некои од академија.
Некои луѓе имаа силна потреба групната работа да се фокусира на тоа како да се справуваат со личните трауми, а некои имаа повеќе интерес да работиме на нашата улога како активисти/ки на прашањето.
Некои од различностите беа прекрасно збогатување и јакнење, а други се појавија како предизвик. Уште повеќе, во услови кога добар број на луѓето ги менуваа тематските групи, со намера да учествуваат на повеќе, беше тешко да се држи програмата отворена за сите. Заради специфичноста на темата и личните потреби на луѓето, ситуацијата во која има нови луѓе секој ден не помагаше во изразената потреба кај некои да се навлезе подлабоко и повеќе лично. Сепак, малата група која од почетокот редовно доаѓаше беше составена од луѓе со силни лични искуства и мислам дека на крај успеавме да создадеме безбеден простор за таква размена. Различноста во групата, која вклучуваше активисти/ки, како и поранешен борец, за мене беше најсилната точка од нашата работа. Тоа ни отвори простор за разбирање на личните контексти од кои сите ние доаѓаме и ни отвори простор за емпатија и идна солидарност. Тоа беше и главната точка која ни овозможи да погледнеме во улогите кои секој од нас може (а некогаш и мора) да ги земе во услови на конфликт и војна и ни овозможи да се придвижиме кон полето на личната одговорност која секој од нас ја носи после тоа. Имам чувство дека распакувавме некои работи, овозможивме размена и можеби запакувавме некои други работи на крај. Лично, можам да кажам дека ова искуство ме збогати отаде зборовите со кои би можел да го опишам во овој момент.