Ана Мишковска Кајевска
На 24. и 25. март 2017 г. во Загреб се одржа меѓународната конференција „Отпор на насилството и заговарање на правда, утврдување на факти и развивање на култура на помнење“. Конференцијата го најави основањето на неформалната меѓународна мрежа „Алијанса за промовирање на правото на знаење, правото на правда и културата на помнење“, која ќе работи на соочување со минатото и чија членка е и „Мировна акција“. Како што се наведува во основачкиот документ, Алијансата „обединува граѓански организации, институции што се занимаваат со негување на сеќавањата, како и поединки и поединци, коишто ја поддржуваат работата на процесите од минатото“.
Со цел подобро разбирање на темите на коишто ќе работи Алијансата, на конференцијата се разговараше за правото на правда, кривичното процесуирање на лицата одговорни за тешки повреди на човековите права и на хуманитарното право, за потребата од документирање на овие повреди, за правото на вистина и репарации (финансиски надоместоци за преживеаните), за правото на учење историја што е заснована на факти и улогата што притоа ја имаат музеите, меморијалните споменици, документациските центри и уметничките интервенции, како и за големото значење на отпорот, побуната и дијалогот за општествените конфликти. Ана Мишковска Кајевска, претставничката на „Мировна акција“, говореше за битноста на постојаното практикување на критички пристап. Таквиот пристап не се однесува само на службените државни/национални наративи во врска со минатото (особено она насилното), туку се однесува и на водечките научни и активистички наративи – дури и оние што се создадени од наши истомисленички и истомисленици.
На 23. март, како претпрограма на конференцијата, беше отворена изложбата „Лица на отпорот“, која е завршен дел на проектот „Лица на отпорот и спротивставување на репресијата во Европа во 20. век“. Преку видео-запис, текст и фотографија, изложбата прикажува лица и настани од просторите на поранешна СФР Југославија, кои претставуваат примери на спротивставување на различните недемократски процеси, како и на кршењето на човековите права и слободи. Од Македонија беа прикажани два такви примера на отпор: Трајче Грујоски и Шиќери Џафери. Во април изложбата ќе гостува во Белград, а наесен „Мировна акција“ планира да ја доведе во Скопје.
Конференцијата и изложбата беа во организација на „Документа“ од Загреб, „Центар за културна деконтаминација“ од Белград, „Центар за граѓанско образование“ од Подгорица, „Волонтерски центар Загреб“ од Загреб, „Синагога“ од Марибор, „Здружение Голи Оток »Анте Земљар«“ од Загреб, „47ǀ04“ од Горица (Италија) и „Мировна акција“ од Прилеп и Тетово.