Горан Талески
На 19 Јули 2011 година Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови го усвои автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија (донесен во 2002 година). Во автентичното толкување стои:
” Членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија”број 18/2002), треба да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторителина кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска соконфликтот во 2001 година, а против кои Меѓународниот трибунал за гонење на лицаодговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата напоранешна Југославија од 1991 година, повел постапка.”
Со ова толкување во Република Македонија се прекинуваат сите постапки поврзани со војната од 2001 година. Истовремено се оневозможува какво било отворање на некоја нова постапка поврзана со воени злосторства или други тешки кршења на човековите права за време на војната во 2001 година.
Но, дали е тоа навистина така и дали е тоа одржливо? Во 1993 година Собранието на Република Македонија го ратификува Дополнителниот протокол на Женевската конвенција од 1949 година, кој се однесува на заштита на жртвите во немеѓународни (домашни) воени конфликти– Протокол 2 од 8 јуни 1977 година. Со овој протокол гарантира заштита на невооружените лица, како и на ранетите за време на вооружен конфликт во границите на една земја (како што е случај со војната во 2001 година).
Дополнително, Владата на Република Македонија, истата 1993 година донесе „Одлука за пристапување на Република Македонија кон меѓународно-правните документи за основните човекови права и слободи донесени од 00Н” (“СВ РМ”, 1993/57), меѓу кои се наоѓа и оваа Конвенција на Обединетите нации за незастарување на воените злосторства и злосторствата против човештвото од 26 ноември 1968. Оваа Конвенција која е од исклучително значење е заснована на искуствата од Втората светска војна и Нирнбершкиот процес и е еден од столбовите при основањето на Меѓународен кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ). Во неа се вели:
„Следниве злосторства се незастарливи, без оглед на времето кога се сторени:
а) воени злосторства дефинирани во статутот на Меѓународниот воен суд во Нирнберг од 8 август 1945 и потврдени со резолуциите 3 (I) и 95 (I) на Генералното собрание на Обединетите нации од 13 февруари 1946 и 11 декември 1946, особено “тешките прекршоци” наброени во Женевските конвенции за заштита на жртвите на војната од 12 август 1949 година,
6) злосторствата против човештвото, без оглед дали се сторени во време на војна или во време на мир, онака како што се дефинирани во статутот на Меѓународниот воен суд во Нирнберг од 8 август 1945 и потврдени со резолуциите 3 (I) и 95 (I) на Генералното собрание на Обединетите нации од 13 февруари 1946 и 11 декември 1946, протерување по пат на вооружен напад илиокупација, како и злосторството на геноцид, како што е дефинирано во Конвенцијата за спречување и казнување на злосторствата на геноцидот од 1948, дури и кога таквите дела не претставуваат повреда на домашното право на државата во која се извршени.”
Од ова што беше досега споменато е јасно дека воените злосторства и другите тешки кршења на човековите права се незастарливи, па дури и во ситуација кога домашните закони не велат така (како што е случај со сегашната ситуација по ова прашање во Република Македонија). Исто така, меѓународното хуманитарно право, конвенциите на Обединетите нации кои Република Македонија ги потпишала и ратификувала, се над домашното законодавство.
Еве и да тргнеме од ова законско ниво и да се обидеме да си поставиме прашање за судбината на исчезнатите. Шест Албанци и дванаесет Македонци се и понатаму исчезнати и за нивната судбина ништо не се знае. Како нивните семејства да добијат некоја разрешница, некакво заокружување на еден мачен период за нив. Како да добијат правда? Како да добијат правда оние кои биле малтретирани или мачени? Не е исправно, како општество да се однесуваме со негација на судбината на жртвите. Со автентичното толкување на Законот за амнестија се прави точно ова. Сосем е можно дека некои од семејствата, а можеби и сите заедно без разлика на која етничка заедница ѝ припаѓаат (што би била силна порака кон македонското општеството), да ја тужат Република Македонија пред Европскиот суд за заштита на човековите права во Стразбур за неможноста да добијат правда за невините исчезнати членови на нивните семејства.
А, што би се случило ако некој отворено излезе и признае дека извршил злосторство против човештвото за време на војната во 2001 година? Да речеме дека неговата совест не му дава мир (ова е чест пример секаде каде имало војна) и има потреба да ја каже својата приказна. Навистина се прашувам дали и како би можеле надлежните институции да реагираат.
На крајот би завршил со зборовите на Фаусто Покар, поранешниот претседател на МКСЈ: „Судските постапки на локално ниво мора да ја надополнуваат работата на Трибуналот. За да се каже вистината за конфликтот мора да бидат чуени повеќе раскажувања, да бидат вклучени повеќе жртви и сведоци и мора да бидат направени повеќе испитувања за дејствувањето на имплицираните личности, а не само на оние кои се појавуваат пред судот.”