Боро Китаноски
Многу работи ме врзуваат за Босна, еве веќе деценија и пол. Ми се чини, должен сум пар реда на Македонски јазик, па макар и вака на брзина.
Минативе два дена во БиХ се случија најдраматичните протести во поновата историја, не само на регионов, туку и пошироко. Заради жестината и фокусот на протестите во повеќе града, при што настрадаа неколку управни згради, како и степенот на насилство и физичките судири со полицијата, очекувано беше медиумското внимание да се сврти кон тој спектакл и така, заслепено од огнот, да ги занемари контекстот и причините. Денес веќе се активираа и поголемите медиумски куќи од БиХ во демонизација на протестите, а разбирливо, заради воспоставените врски, и добар дел македонски медиуми ги пренесуваа токму овие вести. И на крај, заради тоа што овие протести отворија, за мене, сериозни прашања поврзани со разбирањето на не/насилството, кои сугурно ќе се разгледуваат во иднина .
Сосем накратко за маглата:
Според разговорите со пријатели, а и разните сведочења на нет, Архивот во Сараево не е запален. Запалени се 2 приземнипростории на 15 метри од Претседателството, и ако таму чувале архивска граѓа, тоа е стварно јавашлук и сега тоа им е двоенгрев. На власта, се разбира. Чувале наводно вредни материјали во две собички на приземје, без никаква заштита.
(Инаку, прашувам завчера пријателка да ми препорача кој добро ги следи настаните, љубопитен сум, ми вели никој, барај познати по мрежи на нет.)
Без никаква намера да оправдувам насилство, ама мене ми е ова, не ѕвоно, ами камбана за будење. Не се само државните иполитичките елити делегитимирани, ами и многу други општествени структури. Оваа експлозија во БиХ јасно покажува на еден комплетен распад на општествената и политичка структура. Но, да не заборавиме, таа покажува и потенцијал за раѓање на нова, како што за жал носи и потенцијал за хаос. Насилството изразено преку палењето на зградите на власта ми е мене второстепено тука. Знам дека на прв поглед звучи парадоксално. Некако сме склони носталгично да жалиме за изгубената архитектура, камења и малтер за кои не врзуваат спомени, отколку да промислиме за човечките судбини систематски уништувани низ годините до сега.Сега ми е мене многу побитен за разбирање моментот во кој еруптираше ваква жестокост која го делигитимира целиот државен апарат и добар дел од општеството. Покрај поддршката, се разбира. Да, јас позитивно гледам на протестите.
Третиот момент е дека во различни градови акциите беа со различен карактер. Моќната вертикала е Тузла (не Сараево). Оттаму почна и ако се зема пример за карактерот, таму треба да се бара. (Тузланскиот развој има корени и во двете последни војни кои беа поинакви, и тоа сега локално се анализира кога се разгледува над-етничката мобилизација на овие случувања.)
А, протестите и почнаа во Тузла, после долги (игнорирани) протести на групи работници. Тузланските работници излегоа со барања (ова е потсетување за сите оние кои тврдат дека протестите немале никаква програма) кои беа широко игнорирани од јавноста и медиумите. И потоа, сите зачудени како еруптираа. Игнорирањето на работничките барања без да очекуваме последици ни станало најнормално. Транзиција.
Сосем кратко интервју на Јасмила Жбаниќ (познатата авторка на филмовите „Грбавица“, „На путу“ и др.) за Х-алтер, кое нуди базично разбирање на Тузла: http://h-alter.org/vijesti/europa-regija/reakcionarni-mediji-sabotiraju-demonstracije Инаку, Тузла е работнички град, отсекогаш била. Кафичите затвораат кај 23 часот, првото кафе во чаршија се пие во 7 наутро.
Интересно е и краткото интервју на познатиот поет и новелист Фарук Шехиќ: http://h-alter.org/vijesti/europa-regija/najznacajniji-je-nadetnicki-karakter-prosvjeda
Во Тузла протестите беа во основа фокусирани само на владината зграда, имаше лажни јавувања за грабежи и хулиганство, кои потоа беа демантирани од сопствениците на самите маркети. Во Сараево веќе, се случија пошироки демолирања. Но, ако оваа енергија опстани, треба да се гледа кон Тузла како модел кој ќе се следи.
Но, никој не смее да биде наивен. Не е исклучено дека ситуацијата ќе оди кон ескалација на насилството, можеби и грабежи или бесмислено вандалство. Може и хаос преку кој на крај сепак ќе профитираат старите националистички перјаници. Прашање е кој прв ќе се консолидира, власта или народот. Ако тоа бидат првите, насилството ќе ескалира и тоа ќе биде крај на овој бунт.
Другиот сет на прашања се однесува на дилемата дали/колку се не/насилните протести ефективни. „Да не ги запалевме зградите, немаше да не слушнат.“ Судирот со полицијата, застрашувањето на луѓето во институциите, домовите… Ако се отвори, а ќе се отвори, тоа ќе биде убава дискусија за нашето културно разбирање на насилството и на ненасилството (за разлика од веќе утврдените поимања на директната акција во западниот свет преку употребата на поимите “nonviolence” и“nonviolent action”). Веројатно и за погрешните воведувања на поимите кај нас, кокетирање со јавното прифаќање, заблудите… Очекувам регионално растење, да растеруваме магла.
Што се однесува до БиХ, како год завршиле протестите (јас лично се надевам на брза политичка консолидација на народот, идат избори годинава, но ѓавол ќе го знае…), после вчера, многу работи нема да бидат исти. Народот со историја на случување во кое, бар за неколку саати, успеал да ги парализира институциите на една крајно репресивна државна структура, ќе знае подобро. Без разлика на тоа колку влади, на колку нивоа ќе паднат или ќе преживеат овие денови.
На крај, линк до барањата кои се формулираа денес во Тузла, Сараево и Бихаќ, на Англиски јазик:http://www.jasminmujanovic.com/1/post/2014/02/the-demands-of-the-people-of-tuzla-sarajevo-english.html