На 20 – ти ноември во Скопје се одржаа првите Национални консултации со граѓанските организации од Македонија за Иницијативата за Регионална комисија за утврдување и јавно изнесување на фактите за воените злосторства и другите тешки прекршувања на човековите права во поранешна Југославија (РЕКОМ).
На консултациите за РЕКОМ учествуваа над 30 претставници на граѓанските организации од Македонија како и претставници на здруженијата на поранешните борци.
Целта на консултациите во Скопје беше ширење на мрежата на поддржувачи на Иницијативата во Македонија како и посериозно вклучување на граѓанските организации во самиот консултативен процес, со оглед на тоа што Македонија и Словенија се придружија на иницијативата дури во средината на 2010 година.
Самиот консултативен процес според поддржувачите на РЕКОМ треба да придонесе кон расветлувањето на злосторствата од минатото, да помогне да се разберат механизмите кои доведоа до крвава разрешница на конфликтите но и да се обиде да понуди платформа која ќе ги има во фокусот жртвите од сите страни и нивните интереси пред се.
На консултациите на учесниците им беше претставена и последната верзија на Нацрт Статутот на РЕКОМ со кој што јасно се утврдува членството и работата на идната Комисија. Забелешките на беа детално забележани и истите ќе бидат проследени до работната група на Инцијативата, со цел негово подобрување.