Во периодот 4-6 октомври 2024 година се одржа Обуката за наставници по историја за нови ресурси во спроведување на активности по предметот историја, во организација на Здружението Мировна акција Прилеп (МА) и Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија (АНИМ). На обуката присуствуваа 7 наставници и наставнички од 6 основни и средни училишта од Македонија. Групата наставници кои беа дел од оваа обука, работат со МА и АНИМ веќе подолго време на развивање креативни модули за работа на полето на меѓуетничка интеграција во образованието по предметот историја. Обуката се одржа во хотел св. Никола Бутик Крушево во многу пријатна атмосфера.
Па, да одиме по ред. Петокот, Крушево не пречека со силен дожд. Беше тмурно и ладно во градот, но за разлика од нас долу во котлина, Крушевчани веќе ги распалиле огновите. Па така, во хотелот беше топло, работната просторија ни беше уште потопла, па со тоа немавме проблеми. Наредните два дена времето ни се подобри, па во саботата и неделата наутро уживавме во чист планински воздух и пријатно октомвриско сонце. Сепак, во Крушево не дојдовме за Сонце, туку за работа.
Работниот дел започна со воведен круг и воведни излагања на тренерите и учесниците во врска со очекувањата од обуката. Се продолжи во фокусот на оваа обука, а тоа беше претставување на „Прирачник за воннаставни активности по историја за основно и средно образование“ во издание на Мировна акција и АНИМ. Прирачникот е издаден на македонски јазик и албански јазик и е достапен на хартија и во е-форма. Наставничката Ивана Поп-Антески презентираше една од вон-наставните активности, во детали објаснувајќи ги воведните чекори во овие активности, главните активности и евалуацијата. Притоа, даваше реални примери од спроведувањето на активностите, презентирајќи ги своите видувања за искусените позитивни и негативни страни во процесот. Тренерскиот тим продолжи со презентирање на останатите активности во Прирачникот, вклучително плановите за работа и пропратните материјали за секоја од активностите. Прирачникот може да се најди на веб страната на Мировна акција на македонски и албански јазик. Најдолу во овој напис се наоѓаат линковите за двете јазични верзии на прирачникот.
Работниот дел на средбата го продолживме со фокус кон истражување на потребите на наставниот кадар по историја за поквалитетна работа со учениците. Истовремено, барајќи одговори на горенаведените потреби, не ја губевме и главната цел на нашата програма за работа со наставници по историја: подобро запознавање на наставниците со различните етнички наративи за настаните од историјата, нивната (не)репрезентација во учебниците и во наставата по предметот историја, барање начини за заедничка работа на наставниците во ситуација на етнички поделен образовен систем. Тука работевме со помош на техниката „Ѕиден весник“ каде секоја од предложените идеи беше дискутирана и дополнувана, доколку имаше потреба. Помеѓу идеите кои беа спомнати, беа и следните: обуки за наставници и студенти, како и со кустоси во насока на одговорна работа во контекст на меѓуетнички теми и подобро разбирање на „другите“, одбележување на празници во мешани етнички групи на наставници и ученици, поголема медиумска застапеност на работата од овој тип, подготовка на прирачник со објаснувања на спомен обележја и изработка на водич за екскурзии од овој тип и развивање на апликација за смартфон, дискусиони групи за наставници за размена на наративите, „нови“ читања на историски настани и обележја… Во продолжение на истиот блок, наставниците беа поделени во две групи и работеа на разработка на дел од идеите кои беа запишани на ѕидниот весник.
Обуката продолжи со презентација на дискусија на тема „Меморијализација“. Презентацијата и дискусијата ја водеше Катарина Шмиц, меѓународна мировна работничка во Мировна акција Прилеп. Презентацијата се фокусираше на спомен обележја за настани од историјата, со посебен интерес на новите погледи за истите споменици во минатото и денес, како и разбирање на механизмите за тие појави.
Завршивме со теренска настава во комплексот „Македониум“, дискутирајќи за различните читања на историските настани. Се осврнавме и на ученичките екскурзии и нивните различните рути врз основа на етничката припадност на децата.
Обуката ја водеше искусен тренерски тим составен од Мировна акција и АНИМ.
Линк: Прирачник за воннаставни активности по историја за основно и средно образование
Линк: Doracak për aktivitete jashtëmësimore të historisë për arsim fillor dhe të mesëm