Книгата „13 женски приказни за една војна“ е издадена од Здружението Мировна акција Прилеп во 2011 година и претставува збир од 13 животни приказни за 2001та година на жени од разни делови од територијата на Македонија. 13-те приказни издадени во оваа книга се дел од поголемата колекција на животни приказни кои Мировна Акција ги собира и архивира, како дел од програмата за „Соочување со минатото на војната од 2001“. Книгата може да ја преземете овде.
Со користењето на животните приказни се надеваме дека ќе придонесеме за зголемување на нивото на доверба помеѓу луѓето од различно етничко или религиско потекло. И во една таква атмосфера на меѓусебна доверба, растоварени од обврската да бидеме само припадници/чки на одредена група, приоѓајќи на индивидуално ниво, да се чуеме. Најпрвин како поединци, како сосема обични, нормални луѓе кои се нашле во една ненормална ситуација.
Тогаш, пред повеќе од две години, се фокусиравме на т.н. „женски“ приказни. Тргнавме од претпоставката дека официјалните описи на настаните од 2001 година многу често се фокусирани на вредносните системи дефинирани за мажите. Оттаму, нас не нѐ интересираше само специфичноста на историската свест на жените, туку и можноста да поставиме нови и поинакви прашања врзани за животот и секојдневието на луѓето во 2001 година. Така се роди овој истражувачки поттик сосредоточен на женските приказни и визии за воениот конфликт во Македонија во 2001 година.
Со оваа програма, се обидуваме да ги истражиме личните сеќавања на луѓето за 2001 година во Македонија, нивните искуства од тој период, како се носат со доживеаното и како гледаат на иднината на меѓуетничките односи во Македонија. Со тоа сакаме да дадеме свој придонес кон процесот на помирување во македонското општество преку отворен дијалог за војната во 2001 на лично, социјално и политичко ниво.
Програма се спроведува во партнерство со Центарот за тренинг и вмрежување за ненасилна акција – KURVE Wustrow од Германија.
Книгата „13 женски приказни за една војна“ е втора книга со животни приказни во издание на Мировна акција, по книгата „Растење со војна“ издадена во 2009 година, која исто така е достапна на нашата веб страна. Ве информираме дека е во подготовка наредната книга која ќе има животни приказни од раселените лица од 2001 година.