Историчарите често имаат многу информации за владетелите и за други луѓе со високи чинови, но малку се знае за другите помалку видливи нешта, особено за ниските слоеви на општеството и за секојдневието. Со оралната историја се дава една метода како и тие аспекти можат да се вклучат во историската слика.
„L’Histoire c’est moi” „Историјата, тоа сум јас” – така се викаше изложбата за време на Втората светска војна во Швајцарија. Од 2004 до 2008 се снимаа интервјуа од 555 наратори кои раскажуваа за своите искуства. Иницијаторите сакаа да даваат шарена слика од реалноста во малата неутрална држава помеѓу двата големи фашистички режима во Германија и во Италија. Таа реалност не вклучува само мобилизацијата на војската и економската соработка со фашистите, туку и секојдневениот живот со рационирана храна, страв од напад, симпатија и отпор спрема фашистички движења и искуствата на бегалците – за многумина Швајцарија беше сигурно засолниште, на други Швајцарија им го забрани влезот знаејќи за фашистичката политика на депортации и убиства.
Во историските учебници најмногу се чита за „важни” лица – кралеви, за претседатели, министри, генерали, лидери на револуции и движења на отпорот и за верски лидери, понекогаш уште и за некој филозоф или научник. Што доживеаја едноставните луѓе во историските моменти и како се одвиваше секојдневниот живот во семејствата, во војската, меѓу бегалците и другите „неважни” сфери, ретко е споменато. Оралната историја на тие групи им дава простор да раскажуваат.
Поимот „орална историја” се употребува од триесеттите години на дваесеттиот век. Во најстрогата смисла, тоа значи сведоците на некое време слободно да раскажуваат без прашања и тоа да се снима. Така нараторот сам раскажува што му е битно. Инаку, тој што интервјуира, односно историчарот, не може ни да знае што на идните генерации историчари ќе им биде значајно. Но за да биде поструктурирано, често е употребена и форма на интервју со прашања и потпрашања. Нараторот не раскажува само за некој настан, туку ја дава и својата лична перспектива, можеби ќе раскажува и за своите емоции и ставови, сè тоа може да биде битно. Главната цел на оралната историја е да бидат пристапни секојдневието и личните искуства на групите кои досега не беа во фокусот на историското работење бидејќи недостигаа извори. Или со други зборови: да се зачуваат личните искуства по изумирањето на таа генерација.
Најпознатиот светски пример за орална историја е работата на Шоа фондацијата. Режисерот Стивен Спилберг ја основа фондацијата 1994 година по снимањето на филмот „Шиндлеровата листа”. Таа собра интервјуа од близу 52.000 луѓе кои раскажуваат за тоа што доживеале во концентрационите логори во Втората светска војна. Не е случајно дека во последните две децении многу се концентрираше на собирањето приказни од времето на Втората светска војна бидејќи сведоците на тоа време се веќе многу стари. Таа орална историја мора да се собира сега, инаку ќе биде доцна.
Со собирањето на животните приказни се добива историски извор кој може да се употребува покрај други извори. Како и сите други историски извори и оралната историја треба да се интерпретира, да се гледа критички и да се споредува со други извори. Но оралната историја дава увид во искуствата, во ставовите и емоциите од едноставните луѓе во некој одреден период.