Повлечете ги македонските војници од Авганистан!
Осум причини за повлекување од Авганистан
- Војниците во Авганистан учествуваат во окупациска, а не во мировна мисија! Отпочнувањето војна во Авганистан (и во Ирак исто така) на државите предводени од САД не може да се подведе под категоријата мировна мисија, бидејќи мировните мисии не подразбираат отпочнување војни, туку воспоставување мир по избувнат конфликт, не подразбираат да се биде една од страните на конфликтот, туку неутрално раздвојување на страните на конфликтот. И во Авганистан и во Ирак „мировниците“ и ја почнаа војната и се една од завојуваните страни. Поради тоа претставува чиста пропаганда претставувањето на воената мисија во Авганистан на странските трупи предводени од САД како мировна мисија. Тие не воспоставуваат мир во Авганистан, тие таму сеат војна
- Нема позитивни ефекти од окупацијата! Ново-воспоставената марионетска власт во Авганистан НЕ му донесе демократија на авганистанскиот народ! Не се гледа никаков ефект од повеќе милијарди долари помош кои се испратени во Авганистан за проекти на „демократизацијата“. Сегашната влада во Авганистан е корумпирана, а изборите кои се одржуваат не се ниту фер, ниту пак се демократски! Денес во Авганистан 53% од населението живее под прагот на сиромаштија, 40% се невработени, а приближно 7,3 милиони луѓе се под директна закана од глад!
- Правата на жената не напреднаа на задоволително ниво! Иако е остварен одреден напредок во однос на правото на образование на женските деца, местото на жената во авганистанското општество не е значително подобрено. Таа сè уште е дискриминирана и законски и фактички, иако на власт се луѓе чии спонзори наводно се залагаат за заштита на правата на жените! Во јули оваа година „про-западната“ влада на Карзаи донесе закон според кој сопругот има право материјално да не ја помага жената, вклучувајќи ја тука и храната и грижата за децата, ако таа не ги исполни неговите сексуални потреби. Во таков случај старателството на децата го презема мажот. Законот исто така предвидува жените да мора да добијат согласност од мажот за да се вработат. Во „про-западниот“ Авганистан, мажите и жените гласаат одделно на изборите, а на секои 30 минути по една Авганистанка умира за време на бременост или при породување.
- Опасноста од терористички напади на Ал Каеда е претерано преувеличена! Сè што се прави во Авганистан, целата војна, сите злодела и „ненамерни“ убиства на цивили се оправдува со опасноста од терористички напади што би ги извршила Ал Каеда. Никој друг туку генералниот секретар на НАТО Расмусен на 28 септември оваа година изјави: „Ал-каеда нема безбедно место, нема кампови за обука, нема појдовни точки во Авганистан за терористички напади против нас на Западот.“ Па зошто тогаш не се повлечат странските трупи од Авганистан?
- Не сакаме да бидеме окупатори! Македонскиот народ се гордее со своето слободарско минато. Авганистанскиот народ ништо не и’ згрешил на Македонија за таа да се смета повикана да учествува во окупацијата на неговата земја. И покрај тоа, наместо да ги повлече војниците од Авганистан, Македонија испраќа дополнителни војници! Ако Македонија и понатаму сака да се гордее со своето слободарско минато, за тоа да не биде крајно дволично, мора да ги повлече своите војници од учеството во окупацијата на Авганистан! Срамота е, а не гордост е да се учествува во окупацијата на друга земја!
- Нашите војници непотребно се изложени на опасност! За среќа досега не загинал ниту еден македонски војник. Но, при нападот на бомбаш самоубиец во Кабул на 16 август оваа година четворица македонски војници беа повредени. Бидејќи се најавува дека нашите војници наскоро да бидат испратени во областите каде се води војната, ризикот некој да биде убиен се зголемува. Со тоа испраќање македонското учество ќе биде 4-то по придонес во однос на бројноста на населението, веднаш зад Британија, Холандија и Данска. Да не чекаме да реагираме откако еден или повеќе македонски војници ќе го загубат животот! Даги повлечеме војниците сега за никој бесцелно да не го загуби животот за туѓи интереси!
- Учеството во окупациски мисии во туѓи земји НЕ Е услов за членство во НАТО! Како што покажа Самитот на НАТО во Букурешт, Македонија не доби покана и покрај тоа што учествуваше во окупацијата на Ирак и Авганистан. Никаков официјален документ не го гарантира зачленувањето во НАТО на земјите кои учествуваат во неговите „мировни“ мисии. Исто така треба да се има предвид дека членството во НАТО НЕ Е услов за членство во ЕУ! Не е дозволиво позитивното мислење на граѓаните за ЕУ да се злоупотребува за зголемување на поддршката за НАТО! Ниту постои официјален документ според кој членувањето во ЕУ е условено со членување во НАТО, ниту пак нечленувањето во НАТО ги спречи Ирска, Шведска, Финска, Австрија, Малта и Кипар да станат членки на ЕУ! Секоја петта членка на ЕУ не е членка на НАТО!
- Дајте ги парите за хуманитарна помош! Ако нашата цел е навистина да му помогнеме на Авганистан и на неговиот народ, тогаш не треба да испраќаме војници таму, туку хуманитарна помош. Според податоците на Министерството за одбрана, за мисијата во Авганистан во период 2005-2006 се потрошени околу 2.800.000 американски долари. Помислете колку храна за гладните, колку покрив за бездомните, колку лекови за болните можат да се обезбедат за тие пари. Македонија е сиромашна земја во криза. Ако веќе има пари да ги дава во другите земји, нека ги дава за храна, лекови, образование, топол дом. А не за оружје и војни!
Поради сето ова барамеИТНО ПОВЛЕКУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ И СИТЕ ДРУГИ СТРАНСКИ ТРУПИ ОД АВГАНИСТАН!
(текстот е изработен од страна на Движењето за социјална правда “Ленка“ и Мировна Акција се согласува со истиот)