Во 2012 година, Советот на Европа преку својот Комесаријат за човекови права беше многу активен на полето на соочување со минатото од војните во поранешна Југославија и во напорите за изградба на траен мир во овој дел од Европа.
На 19 Март година во Сараево, од Комесарот за човекови права на Советот на Европа г.Томас Хамерберг, беше промовиранаанализата „Повоената правда и изградба на одржлив мир во поранешна Југославија” . Оваа Анализа се однесува на процесите на повоена правда и напорите за изградба на одржлив мир во регионот кој ги опфаќа земјите на поранешна Југославија и се состои од 4 области: неопходни мерки за отстранување на неказнувањето на воените злосторства; обезбедување соодветна и ефективна репарација за жртвите од војните; потребата за дознавање и признавање на вистината за тешките кршења на човековите права и сериозните нарушувања на меѓународните човекови права; и спроведување на неопходни институционални реформи кои ќе гарантираат неповторувањена злосторствата.
Во Анализата, Република Македонија е опфатена во две области: неопходни мерки за отстранување на неказнувањето на воените злосторства, како и во областа за спроведување на неопходни институционални реформи кои ќе гарантираат неповторување на злосторствата.
И за двете области, како клучен проблем се наведуваат „сериозните проблеми во правниот систем во Република Македонија”, што ја прави борбата против неказнувањето на злосторствата од војната во 2001 особено тешка. Правниот систем се споменува како слаб и корумпиран. Понатаму се спомнува дека во 2004 година Владата на РМ усвоила стратегија и акционен план за реформи во судството, чија цел е зајакнување на независноста и ефикасноста на правниот систем, а со тоаи негово приближување до меѓународните човекови стандарди. Се споменува и дека се спроведени повеќе реформи во правниот систем, дека за тоа се алоцирани големи средства, но дека и понатаму правниот систем има големи слабости.
Поврзано со првата област, особена загриженост предизвикува донесувањето на Законот за автентично толкување на Законот за амнестија. Се вели „ако оваа одлука на Собранието се спроведе, ќе доведе до прекинување на правните постапки поврзани со четирите случаи на воени злосторства, што ќе претставува сериозен удар на актуелните обиди за остварување на правда во регионот”.
На 18 март, на еден ден пред промоцијата на оваа анализа, Комесаријатот организираше тркалезна маса на која учествуваа 14 претставници на организации од регионот на поранешна Југославија, кои работат на полето на човековите права и/или транзициска правда. На средбата беа присутни и комесарот г. Томас Хамерберг, комесарот во доаѓање г. Нилс Мужниекс, како и други претставници на Комесаријатот од Стразбур и од канцеларијата во Сараево. Настанот беше искористен за коментари и размена на мислења во врска со гореспоменатата анализа. Единствена организација од Република Македонија на оваа средба беше Мировна акција, претставувава од авторот на овој текст.
Главниот фокус на состанокот беше ставен на собирањето дополнителни информации и мислења за анализата и ситуацијата со транзициската правда во земјите од некогашна Југославија од Комесаријатот, како увертира на промоцијата на Анализата и предвидените средби со претставниците на институциите во секоја од овие земји. Овие средбисе случуваа во текот на 2012 година. Новиот комесар Мужниекс ја посети Република Македонија во ноември 2012 година.
Дискусијата се водеше со отворање на секоја од 4-те фокус- теми на Анализата, од Комесарот, па потоа говореа присутните учесници. Во продолжение ќе ги пренесам клучните делови од дискусијата на тркалезната маса, се разбира, со фокус на Република Македонија :
Со носењето на Законот за автентично толкување на Законот за амнестија, не само што се прекинува каква било постапка поврзана со четирите вратени случаи од Хашкиот суд, туку се оневозможува истрага и правна разврска за каков било случај поврзан со војната во 2001 година во Македонија. Тоа значи дека и сите случаи кои се во истрага и оние кои во иднина можеби би се појавиле, нема да може да се процесуираат од надлежните институции во Република Македонија. Самиот закон е кршење на меѓународното хуманитарно право, кое е на повисоко ниво од националните правни системи. Со самото тоа, овој Закон е неодржлив .
Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) е пред крај со својата работа, но има големи проблеми во успешноста на своите програми “Outreach” (Досегнување) и “Legacy” (Наследство, оставина). Од сите присутни беше потврдено дека постои недоволна свесност за воените злосторства, судењата и пресудите на МКСЈ на национално ниво. Напорите на судот преку “Outreach” програмата да го исправат ова не дадоа резултати. Програмата е речиси невидлива во земјите во регионот. Земјите во регионот не се многу заинтересирани да ги прифатат и афирмираат пресудите и фактите, донесени или утврдени во МКСЈ. Кога сме кај оваа тема, Република Македонија одбила да биде дел од “Legacy” програмата, што ќе отвореше мала информативна канцеларија на МКСЈ во Македонија, каде ќе можеа да се добијат информации за се она што судот го работи или го сработил. Заклучокот од сите присутни е дека неприсутноста на фактите и пресудите на МКСЈ во јавната сфера во земјите во регионот има силно негативно влијание на процесот на соочување со минатото од војните во поранешна Југославија.
Во регионот има околу 13.000 исчезнати лица поврзани со војните 1991-2001 во поранешна Југославија. Во Македонија има 18 исчезнати. Присутните го нагласија значењето за континуирана и упорна работа на ова поле. Институциите мора да бидат често потсетувани на исчезнатите и потребата за разјаснување на нивната судбина. Советот на Европа може да има клучна улога со тоа што редовно ќе ги потсетува властите во земјите во регионот на потребата за институционална работа на ова поле.
Состанокот за Иницијативата за формирање на РЕКОМ беше поздравен, како и целите кои пред себе ги зацрта Коалицијата за РЕКОМ. Регионалниот пристап кон соочувањето со минатото беше особено корисен во Македонија, но во некои други земји наидува на отпор. Со резерва беше истакната декларативната поддршка која досега ја доби Иницијативата за РЕКОМ од неколку претседатели, или парламенти на земји од регионот.
На крајот на состанокот се разговараше за чекорите кои треба да бидат преземени за остварување на условите за транзициска правда и одржлив мир во регионот. Во контекст на Република Македонија беше истакната потребата од реформи во образовниот систем кој би ја отстранил сегрегацијата по етничка основа, потребата за поголема свесност кај медиумите (и нивните сопственици) за значењето на конструктивното соочување со минатото од војната во 2001 година и вклучување на некои специфични општествени групи во процесите на СсМ како што се ветераните, жртвите и раселените лица на одговорен и конструктивен начин кој ќе придонесе за мирот.
Од 26-ти до 29-ти ноември 2012 година во посета на Република Македонија беше новиот комесар за човекови права при Советот на Европа, г. Нилс Мужниекс, кој оствари средби со официјални лица. На 26-ти ноември тој и неговиот тим одржаа состанок со неколку организации кои работат на заштита на човековите права и транзициска правда. На состанокот на кој беше присутен и авторот на овој текст беше разговарано за конкретни проблеми со човековите права и со процесот на транзициска правда во Македонија. Прашањата поврзани со транзициската правда во Република Македонија беа истите кои беа разговарани и на состанокот во Сараево. Во соопштението на Комесаријатот по повод посетата на Мужниекс, меѓу другото, се вели: „Мора, исто така, да се усвојат мерки за подобро да се обезбеди одговорност за тешките кршења на човековите права, а судбината на оние кои сè уште се водат како исчезнати мора да се разјасни. Трајните решенија за околу 90 лица кои сè уште се сместени во шест колективни центри се на дофат и мора итно да се изнајдат” .
Мировна акција е благодарна за заинтересираноста на Комесаријатот за човекови права при Советот на Европа за транзициската правда во регионот (во период кога голем број меѓународни институции веќе немаат интерес за тоа поле) и ќе продолжиме да соработуваме со оваа значајна институција во насока на остварувањето конструктивен и чесен однос спрема минатото од војната во 2001 година во Република Македонија.