Нашата замисла беше да ги направиме видливи жените преку деконструирањето на хиерархијата на релевантноста на пишувањето на историјата од една страна, и да ги направиме видливи и јавни некои аспекти на политичкиот, општествениот, но и на личниот живот поттикнати од специфичниот контекст (Македонија, 2001) кои често се занемарени во официјалните дискурси, од друга страна.
Тргнавме од претпоставката дека официјалните описи на настаните од 2001 година многу често се фокусирани на вредносните системи дефинирани за мажите. Оттаму, нас не нѐ интересираше само специфичноста на историската свест на жените, туку и можноста да поставиме нови и поинакви прашања врзани за животот и секојдневието на луѓето во 2001 година. Така се роди овој истражувачки поттик сосредоточен на женските приказни и визии за воениот конфликт во Македонија во 2001 година.
Приказните на жените сведоци на воениот конфликт ја поддржуваат насоката на историските истражувања која се фокусира на секојдневието, животот и работите на обичните луѓе, наместо на работите на државата и се сосредоточува многу повеќе на процесите на општественото искуство отколку на одделните политички настани.
Серијата женски животни приказни е собирана во 2010 година, при што се собрани 32 приказни од кои 13 се објавени во оваа книга во 2011.
Уреднички тим:
Боро Китаноски
Ирена Цветковиќ
Томас Колс