На 10 Март 2014 година во 10:00 часот во библиотеката „Макс ван дер Штул“ на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово се одржа промоцијата на книгата „Огништа – животни приказни на раселените од 2001 / Vatra – tregime jetësore të të zhvendosurve në vitin 2001. Воедно тоа беше трета и последна јавна промоција на книгата. На промоцијата говореа Горан Талески од уредничкиот тим, Фланза Јусуфи како интервјуерка на повеќе серии во програмата и Катерина Стоилевска, во улога на нараторка (Катерина е внатрешно раселено лице од Арачиново, чија приказна е објавена во книгата, а во новата серија се појавува и како интервјуерка). На промоцијата присуствуваа околу 50 луѓе, во најголем број студенти, професори и асистенти на Универзитетот, но и други заинтересирани луѓе.
Промоцијата ја отвори Горан Талески претставувајќи ја Мировна акција, програмата за Соочување со минатото од 2001 и се разбира, самата книга. Фланза Јусуфи се фокусираше на значењето на животните приказни во работата со соочување со минатото од некоја војна, како и на своите искуства како интервјуерка во оваа серија. Катерина Стоилевска се осврна на тежината да се зборува за тема која длабоко емотивно го задира поединецот кој искусил што значи да си раселено лице.
По воведни излагања, се отвори содржајна дискусија како за самата книга така и за актуелни теми кои имаат свои поврзувања со војната во 2001 година, што само по себе ни кажува дека и покрај тоа што војната е завршена, конфликтот е сè уште жив и секојдневно ги обременува нашите животи. Прашањата и дискусиите на промоцијата делумно беа во врска со собирањето на животни приказни, како и каде биле интервјуирани нараторите, што е целта на сето ова, а дел се однесуваа на актуелните случувања на меѓуетнички план во Македонија како на пример обновувањето на џамијата во Прилеп.
Би го издвоиле јавувањето на г-дин Алајдин Демири, директор на Библиотеката, кој беше прв што се јави за збор. Ја почали работата на ова поле како многу значајна, нагласи дека е од исклучителен интерес да се направат интервјуа и со луѓето кои беа на високи позиции во 2001 година за подобро да се расветлат некои случувања во таа година. Исто така, нагласи дека е многу значајно ваквите книги да стигнат и до денешните политичари со цел да се запознаат со страдањата на народот во 2001 година и да водат поодговорна политика.