На 21.12.2013, во преполната сала на хотелот „Stone Bridge“ во Скопје се одржа првата, од серијата планирани промоции на книгата „Огништа – животни приказни на раселените од 2001 / Vatra – tregime jetësore të të zhvendosurve në vitin 2001 “. На промоцијата говореа Горан Талески и Артан Садику, во улога на дел од уредничкиот тим, Фланза Јусуфи како интервјуерка на повеќе серии во програмата и Катерина Стоилевска, во улога на нараторка (Катерина е внатрешно раселено лице од Арачиново, чија приказна е објавена во книгата, а во новата серија се појавува и како интервјуерка).
После кратките воведни излагања, се разви дискусија со присутните, кои во приличен број беа луѓе поранешни, а добар дел и се уште, внатрешно раселени од Липковско, Арачиново, Тетовско,… Исто така дојдоа и мировни активисти/ки, како и поранешни борци од „двете“ страни, луѓе кои даваат поддршка и ја разбираат потребата од соочување со трауматското минато.
Дискусијата се водеше околу тоа колку се ретки, или непостоечки, конструктивните простори во кои можеме да излеземе од своите етнички и социјални кутии и да продискутираме помеѓу себе за 2001, што во тој смисол значи собирањето на животни приказни и нивното меѓуетничко споделување. Исто така се мали просторите во кои и воопшто се запознаваме, а камо ли да споделиме тешки лични искуства. Етничкиот јаз е се поголем, а општеството се однесува како за 2001 да е се кажано и граѓаните, оние кои немаат функции и пристап до медиумската јавност, остануваат на маргините, без можност да бидат слушнати. Дел од присутните се осврнаа и на тоа како ниту една редакција не најде причина да испрати новинари на самиот настан, и како тоа е веројатно одлика на начинот на кој целото општество се однесува кон луѓето кои имаат потреба да ја разработуваат 2001. А имаат многумина.
Мировна акција секако останува посветена на креирањето простори за конструктивна дискусија и размена помеѓу луѓето од различни етнички заедници поврзани со 2001. Следните промоции се закажани во Куманово и Тетово, а сигурно дека со групата на раселени ќе останеме подолг период и преку други настани.
Линкови до медиумските објави:
Макфакс: http://www.makfax.com.mk/325518
Алфа ТВ: http://www.vesti.alfa.mk/News.aspx?id=68308#.Urg3nrRVKyR
Канал 5 ТВ: http://kanal5.com.mk/vesti_detail.asp?ID=26160
А1 он: http://a1on.mk/wordpress/archives/256002
Ин Прес: http://www.inpress.com.mk/default.asp?ItemID=A5011937E6FCBC43B8137E5A996E52C1
Република: http://republika.mk/?p=175175
10без10: http://10bez10.com/vesti/opshtina/1819-promocijata-na-knigata-ognishta–vatra
Економски Лидер: http://lider.mk/2013/12/21/promocija-na-ognista-vatra-zivotni-prikazni-na-raselenite-od-2001-godina/
Денешен: http://denesen.mk/web/2013/12/21/ognista-vatra-zivotni-prikazni-na-raselenite-od-2001/
Раселувањата во 2001
(извадок од „Огништа – животни приказни на раселените од 2001 / Vatra – tregime jetësore të të zhvendosurve në vitin 2001 “):
Раселувањата започнаа на крајот на Февруари 2001 во селата на северот на Македонија, во појасот вдолж границата со Косово и се интензивираа кон средината на Март 2001 со ширењето на насилствата кон Тетово и покасно кон Куманово. До средината на Јули веќе беа воспоставени колективни центри на 8 локации (6 во Скопје и 2 во Куманово). Мнозинството, сепак, најдоа засолниште кај своите роднини и пријатели. Од Август 2001, Црвениот крст на РМ регистрирал 70,728 внатрешно раселени лица, од кои 66,871 сместени во семејства и 3,857 во колективни центри. Според извештај на „IDMC“ од 2008, вооружениот судир во 2001 резултирал со повеќе од 171.000 раселени лица, од кои 74.000 внатре во земјата. Според друг извештај на „USCRI“ од 2001 година, околу 76.000 лица се раселиле кон Косово. Оттогаш, над 95% од раселените се вратиле и околу 700 лица останале раселени (бројот варира, според Министерството за труд и социјална политика, на крајот на 2009 биле регистрирани уште 644 внатрешно раселени лица). Она што беше забележливо е дека албанското население се врати во поголем процент во своите домови, додека македонското и српското население се враќаше во помал број. Постоеја акти на напади врз повратниците (некои и со смртни последици), и повратниците се соочуваа со константен притисок да ги напуштат местата каде не се во мнозинство. Бројни други акти на интер-етнички вандализам, малтретирање и насилство се забележани во извештаите на разни организации почнувајќи од 2003 во наредните неколку години. На пример, во Опае, Кумановско, 46 реконструирани куќи беа ограбени и демолирани во 2003. Според „ICRC“ 66% од раселените лица во 2004 изразиле неможност или неподготвеност да се вратат во родните места заради претпоставен или реален страв за нивната физичка безбедност. Според податоци на Мировна акција, денес и последните семејства на раселените од Липковско и Арачиново, остануваат трајно раселени со тоа што преку судските процеси кои ги водеа против РМ уште од 2004 година за надоместок на материјална штета добиваа во просек по околу 20.000 евра отштета по семејство и со тие средства се населуваа на разни периферни локации во Скопско и Куманово. Ги споменуваме овие бројки со цел да ја претставиме димензијата на раселувањата кои ги предизвика војната од 2001 и да потсетиме на стотиците раселени кои во минативе години мораа да започнуваат да го градат својот живот во нови средини. За жал, тивкиот процес на етничка хомогенизација континуирано тече во скоро сите средини каде се сретнуваат Македонците и Албанците.