Промоцијата на книгата „Огништа – животни приказни на раселените од 2001 / Vatra – tregime jetësore të të zhvendosurve në vitin 2001“ се одржа во просториите на стар Комитет (Илинденска ББ.) во Куманово во 14 часот. На промоцијата говореа Горан Талески од уредничкиот тим, Фланза Јусуфи како интервјуерка на повеќе серии во програмата и Катерина Стоилевска, во улога на нараторка (Катерина е внатрешно раселено лице од Арачиново, чија приказна е објавена во книгата, а во новата серија се појавува и како интервјуерка). На промоцијата присуствуваа повеќе раселени лица и ветерани од војната во 2001 година.
Горан Талески ја отвори промоцијата на книгата претставувајќи ја Мировна акција, програмата за Соочување со минатото со 2001 и се разбира, самата книга. Фланза Јусуфи се фокусираше на значењето на животните приказни во работата со соочување со минатото од некоја војна, како и на своите искуства како интервјуерка во оваа серија. Катерина Стоилевска се осврна на тежината да се зборува за тема која длабоко емотивно го задира поединецот кој искусил што значи да си раселено лице.
По воведни излагања, збор зедоа Дивна Јанкова и Шиќери Џафери. И двајцата од Куманово, како долгогодишни соработници на Мировна акција како интервјуери, раскажаа за некои свои искуства во работата при собирањето на приказни до раселените луѓе, тема особено актуелна во Кумановскиот регион.
Настанот беше покриен од страна на „НОВА ТВ“ од Куманово.