Со задоволство ве известуваме дека прв пат е отворен регионален конкурс за краток расказ – Бибер. Темата на конкурсот е помирување во контекст на наследството од војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, особено во периодот 1991-2001 година. Ги повикуваме сите автори и авторки кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски и српски јазик да ги испратат своите раскази. Повикот се однесува на афирмирани автори и авторки, како и на оние кои досега немаат објавувано.
Конкурсот е отворен до 06.09.2015. година.
Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди:
1. награда 800 евра
2. награда 600 евра
3. награда 400 евра
Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник.
Жири-комисијата ја сочинуваат Дорунтина Баша, Фарук Шехиќ и Бојан Кривокапиќ. Конкурсот го организира тимот на Бибер во соработка со Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.
Одлуката на жири-комисијата ќе биде објавена до 31.01.2016 година.
(Процесот на донесување на одлуката трае релативно долго поради потребата од превод на голем број од расказите).
За темата
Помирувањето не е популарен термин, бидејќи најчесто се поистоветува со концептот на простување или со идејата дека сè треба да заборавиме и да се свртиме кон иднината. Длабоко веруваме дека е невозможно да се заборави ужасот на загубата, патењето и неправдата која луѓето ја имаат претрпено.
Меѓутоа, доколку помирувањето го разбереме како откажување од омразата, како барање начин да се дојде до правда, но така што во тоа барање на другиот да не се врши неправда, како шанса да изградиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите, тогаш сметаме дека е тоа нешто што нам ни е и повеќе од потребно. Затоа сакаме да ги повикаме авторите и авторките да размислуваат за помирувањето на еден нов и креативен начин и да нè инспирираат со раскази кои ги надминуваат постоечките предрасуди и вкоренетите непријателства, раскази кои ги поместуваат границите. И можеби на тој начин го дадат потребниот поттик на нашите општества.
Ве молиме за овој конкурс да ги известите сите кои сметате дека би биле заинтересирани.
Со задоволство ги очекуваме вашите раскази!
Тимот на Бибер
biber@nenasilje.org