Најава за продолжување на нашата активна работа во борбата против дискриминацијата и милитаризмот преку проектот: „Регионално младинско вмрежување против дискриминацијата во западен Балкан“ 2011-2013
Регионалниот проект „Регионално младинско вмрежување против дискриминацијата во западен Балкан“ има за цел да ги актуализира потребите за зголемување и зајакнување на напорите за недискриминација и демилитаризација во регионот на западен Балкан. Проектот е развиен од страна на мрежата „Регионални младински акции против дискриминацијата и милитаризмот“ која ја сочинуваат 7 организации од западен Балкан (Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Македонија), во соработка со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, а во координација на Мировна акција.
Во периодот 2011-2013 регионалната мрежа преку различен сет на активности ќе делува на локално ниво во заедниците на земјите, а исто така и на регионално ниво.
Првата година од проектот е посветена на ширење на базата активисти кои ќе бидат вклучени во локални кампањи преку локални и национални викенд работилници, како и преку Регионалната летна школа. Локалните и националните работилнициимаат за цел да ги адресираат темите и проблемите кои што се најприоритетни во потесното и поширокото окружување на организациите на локално и регионално ниво. Регионалната годишна летна школа ќе биде голема регионална школа за млади активисти од земјите на западен Балкан која ќе овозможи преку практични методи да се препознаат различните појави на дискриминација како и начините на реакција на таквите појави во рамките на заедниците.
Исто така, еднаш годишно во месец мај ќе се одржува и манифестацијата „Денови на акција против дискриминацијата“ во сите земји на западен Балкан од каде мрежата има претставници (Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Македонија). Преку различни јавни активности како: улични акции, панел дискусии, работилници, дебати, изложби, концерти ќе се настојува да се влијае на зголемувањето на свеста за постоењето на различните појави на дискриминација во земјите на регионот.
Во втората година од проектот покрај на редовните активности, фокусот ќе биде ставен и на зајакнување на соработката со ранливите групи жртви на дискриминаторско однесување на локално и регионално ниво.
Во текот на реализацијата на проектот ќе бидат организирани јавни активности од следните организации:
- Младински иницијативи, Скопје (Македонија) – www.mmv.org.mk
- Мултикултура, Тетово (Македонија) – www.multikultura.org.mk;
- Младински Ресурсен Центар,Тузла (Босна и Херцеговина) – www.omladina-bih.net;
- Младински Клуб „Под исто сонце“, Јабланица (Босна и Херцеговина) – www.okpis.org;
- Едукативен Центар, Крушевац (Србија) – www.ec.org.rs;
- Акција за ненасилство и изградба на мир, Гњилане (Косово);
- Мировна акција, Прилеп (Македонија) – www.mirovnaakcija.org
Најавите со повеќе информации за активностите што ќе се реализираат во рамките на Регионалниот проект ќе бидат објавени на веб страната на мрежата „Регионални младински акции против дискриминацијата и милитаризмот“ (www.stopdiskriminacija.net) како и на веб страната на Мировна акција (www.mirovnaakcija.org).