Форумот на граѓанското општество 2024 се одржа од 9 до 11 октомври 2024 година во Берлин, Германија. Овој годишен настан, организиран од Здружението за Југоисточна Европа и Институтот Аспен Германија, е клучен дел од Берлинскиот процес, кој има за цел да ја поттикне соработката и интеграцијата во рамките на Западен Балкан и помеѓу регионот и Европската унија. Една од темите на Форумот беше Соочување со минатото и Помирувањето.
Форумот собра разновидна група на учесници, вклучувајќи претставници од граѓански организации, тинк-тенкови, академија и владини институции. Настанот обезбеди платформа за овие заинтересирани страни да водат смислен дијалог, да споделуваат согледувања и да развиваат препораки за политики кои ги адресираат итните предизвици со кои се соочува Западен Балкан.
Значење на Форумот:
- Регионална соработка: Форумот ја истакна важноста на зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан за да се постигне економска стабилност, политичка кохезија и социјален напредок.
- Влијание врз политиката: Со донесувањето на различни гласови, форумот имаше за цел да влијае врз процесите на донесување политики и во регионот и на ниво на ЕУ. Дискусиите беа насочени кон создавање на остварливи стратегии за одржлив развој.
- Јакнење на граѓанското општество: Клучен фокус беше на јакнењето на улогата на граѓанското општество во управувањето и донесувањето одлуки. Форумот ја нагласи потребата за силно вклучување на граѓанското општество за да се поттикне позитивна промена во регионот.
Теми и Цели:
Форумот 2024 беше фокусиран на неколку основни теми:
- Економска интеграција: Истражување начини за усогласување на трговските регулативи, привлекување инвестиции и развивање на кохезивни економски политики.
- Социјална кохезија: Поттикнување на социјалната инклузија, вклучување на младите во граѓански активности и имплементација на ефективни механизми за решавање конфликти.
- Политичка стабилност: Обезбедување на политичка стабилност преку инклузивно управување и зајакнати демократски институции.
- Вклучување на граѓанското општество: Јакнење на учеството и влијанието на граѓанското општество во донесувањето политики.
Агендата на форумот беше структуирана за да овозможи детални дискусии, интерактивни работилници и колаборативни сесии. Учесниците имаа можност да разменуваат идеи, да дебатираат клучни прашања и да развиваат практични решенија за најитните предизвици на регионот. Преку овие напори, Форумот за граѓанско општество 2024 имаше за цел да изгради поинтегриран, стабилен и просперитетен Западен Балкан, придонесувајќи за долгорочниот развој на регионот и неговиот пат кон европска интеграција.
Подготовките за Форумот
Форумот на граѓанското општество 2024 за свој работен материјал ги имаше Препораките (https://wb-csf.eu/publications-csf/policy-recommendations-civil-society-think-tank-forum-2024?form=MG0AV3) развиени од страна на 7 работни групи кои работеа на нив во периодот јуни – август 2024 година. Работните групи и нивните специфични цели / согледувања беа следните:
A. Интеграција во ЕУ и Берлинскиот процес
Зајакнување на интеграцијата во ЕУ: Берлинскиот процес како клучен двигател на регионалната кохезија и напредок
B. Соочување со минатото и помирување
Унапредување на изгледите за добро поврзан, праведен и мирен регион на Западен Балкан
C. Род и разновидност
Берлински процес: Патишта до родовиот напредок
D. Заеднички регионален пазар и мобилност
Премостување на разликите и поттикнување на соработката: предизвици и патишта до обединет регионален пазар во Западен Балкан
E. Енергија, климатски промени и декарбонизација
Декарбонизацијата во Западен Балкан е лажна и хаотична
F. Заштита на животната средина и одржлив економски развој
Доведување на животната средина во јадрото на развојот
G. Дезинформации и сајбер закани
Градење на отпорност
На овие подготовки, Мировна акција учествуваше во работната група B (Соочување со минатото и помирување) каде заедно со други претставници од организации кои работат на ова поле на работа од земјите на Западен Балкан, ги развија Препораките кои беа работен материјал на Форумот. Емрах Реџепи беше претставник на Мировна акција во оваа работна група. Мировна акција беше единствената организација од Северна Македонија во оваа работна група.
Текот на Форумот
Форумот беше поделен на 7 панел дискусии кои соодветствуваа со темите на работните групи и 4 тематски дискусии кои имаат влијание на повеќето теми (Агенда на форумот: https://www.sogde.org/site/assets/files/30118/agenda_main_forum_livestream.pdf?form=MG0AV3) . Како водители и говорници продефилираа министри во владата на СР Германија и од некои од земјите на Западен Балкан, професори, истражувачи, советници од разни професии, претставници од локални заедници и секако претставници од граѓанскиот сектор од Западен Балкан. Притоа треба да се има на знаење дека Берлинскиот процес е иницијатива која е креирана со поддршка на владите на земјите од Западен Балкан и е во тесна соработка со нив во сите 10 години на своето постоење. Заради немање интерес или дури и одбивност на владите од овие земји кон темата „Соочување со минатото“, таа не е многу високо на агендата на Балканскиот процес. Работата на полето на Соочување со минатото е оставена на RYCO (Регионална младинска канцеларија за соработка – Regional Youth Cooperation Office) со седиште во Тирана. RYCO е составен дел од Берлинскиот процес и има цел да го промовира духот на помирување и соработка меѓу младите во регионот преку програми за размена на млади.
На панелот за Соочување со минатото и помирувањето, говорници беа: Софија Тодоровиќ од Младинската иницијатива за човекови права (Србија) која ги презентираше Препораките на работните групи во областа, Наташа Кандиќ од Фондот за хуманитарно право од Србија и амбасадорот Јоаким Рикер, поранешен специјален пратеник на ОН во Косово. Овде мора да се истакне говорот на Наташа Кандиќ која ги информираше присутните за регионалните иницијативи на ова поле, пред се за Иницијативата за РЕКОМ, нејзиниот подем и причини за пад.
Форумот обезбеди можност на едно место да се соберат луѓе кои работат на разни области значајни за развојот на регионот на Западен Балкан. Сепак, заради својата разноликост, обемност и шарена агенда, не овозможи реална дискусија за темите на Форумот. Пред се, заради немање време. Сесиите траеја по 1:15 минути со 5-6 говорници. Времето за прашања и коментари беше премногу кратко за да се развие сериозна интеракција на говорниците со присутните. Од друга страна, Форумот обезбеди можност за нови познанства и потсетување и продлабување на постоечките.
Горан Талески
22.10.2024