По оружениот конфликт и/или тешките кршења на човековите права, општеството има потреба да се занимава со тоа минато. На кој начин, едно општество ќе се соочи со минатото зависи од многу фактори. Во првиот број од публикацијава сакаме да претставиме еден дел од поимите кои се во врска со процесот на соочување со минатото.
Ретрибутивна и ресторативна правда. Кога ќе се случи некој вид на неправда, општеството треба да преземе соодветни мерки. Еден основен концепт претставува ретрибутивната правда која има за цел да ги казнува злосторниците, при што казнувањето треба да биде сразмерно со злосторот. Друг принцип нуди ресторативната правда која се фокусира на исправка на направената штета. Во контекст на соочување со минатото судските процеси против злосторниците претставуваат ретрибутивна правда, додека комисиите на вистината се дел од ресторативната правда.
Репарации. По војната губитникот често плаќа репарации на победникот, но тука се мисли на војна помеѓу држави. Победничките држави ги обврзуваат губитниците за тие парични или материјални плаќања. На пример, почнувајќи од 1918 година Германија плаќаше репарации за Првата светска војна и дури 2010 заврши со тие плаќања. Во општеството на победничката земја ова се смета како праведно обесштетување на доживеаните страдања, но во општеството на губитникот тоа може да ја зголемува омразата спрема победничката нација. Сигурно е дека таквиот облик на казнување на ја гледа личната вина или невиноста.
Научна или истражувачка комисија. Во тек од конфликтот или кршењето на човековите права многу информации не стигнуваат до населението, или дури, се шират погрешни информации. Тоа има различни причини: од една страна, во такви тешки ситуации не може да се вршат какви било документирани истражувања, но од друга страна, некој во конфликтот можеби и свесно крие информации или шири погрешни вести. Тој недостиг на (правилни) информации останува и по конфликтот, додека отпосле не се изврши дополнително истражување. Таа работа може да ја преземе научна или истражувачка комисија. Предуслов за успешната работа е комисијата да има јасен мандат дека е прифатена како непристрасно тело од различните страни во конфликтот и дека работи темелно и транспарентно. Проектот „Босанскиот атлас на воените злосторства” на Истражувачко-документарниот центар во Сараево претставува таква работа. По регистрирањето на жртвите, дојдоа до резултат дека имаше околу 100.000 загинати во војната во Босна и Херцеговина 1992-95, а не 200.000 или 250.000 како што беше објавено во некои претходни извори.
Транзициска правда. После периодот од насилен конфликт или кршење на човековите права, треба да се изградат демократско општество и доверба во државните институции како и меѓу населението. Државните институции мораат да се занимаваат со неправдите од минатото и да преземаат соодветни мерки. Правно гледано тоа може да биде тешко бидејќи според важечките закони за време на конфликтот, често не беше направено ништо незаконски. Исто така, многу факти често не се познати. Со оглед на тоа што се работи за преодна фаза до нов правен систем, се употребува поимот „транзициска правда”. Транзициската правда може да изгледа многу различно – комисија за вистината која се фокусира на обесштетување и рехабилитација на жртвите, додека во судски процеси целта е да се казнуваат злосторниците . Истовремено, едната работа не ја исклучува другата и може да се смета дека комисиите за вистината и судските процеси против злосторниците се комплементарни.
Комисија на вистината. Комисијата на вистината работи слично како научна или истражувачка комисија и има слични услови, но има уште повеќе задачи. Работата на научната или истражувачката комисија завршува со презентирањето на резултатите од истражувањето и тоа нема никакви директни правни последици. Комисија на вистината во Јужноафриканската Република важи како прототип на комисија на вистината. По крајот на апартхејот покрај истражувањето на кршењето на човековите права 1960-1994 дополнително ги имаше задачите да ги рехабилитира жртвите и да амнестира одделни виновници, доколку нивната соработка овозможи откривање на дотогаш непознати информации за одредени настани каде имало жртви или тешки кршења на човековите права.
Судски процеси. Во судските процеси целта е јасна: утврдување на вината и потоа соодветно казнување или ослободување од вината. Тоа може да се случи во редовни судови или во специјалните судови кои се основани токму за такви случаи и имаат јасен мандат. Тие специјални судови може да бидат национални и/или интернационални, на почвата на државата каде се случиле злосторствата или надвор од државата. Како прототип важи Нирнбершкиот процес – меѓународни воени судења во кои беа казнети одговорните за нацистичкиот режим во Германија.
Во врска со Македонија и регионот, битен е Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, но исто така и националните судови. Меѓународниот суд во Хаг, генерално, е фокусиран на командната одговорност и негов предмет на интерес со поголемите „ѕверки” кои со своите одлуки силно придонесле за убиствата и другите тешки кршења на човековите права на подрачјето на поранешна СФРЈ. Сепак, злосторниците кои не биле предмет на процес во Хаг, не се амнестирани. Злосторствата против човештвото се нешто што не застарува и должност е на домашните судови (некаде Специјални судови) да ги процесуираат одредените наоди за случувањата каде имало облици на тешко кршење на човековите права.
Овој пристап, генерално, се фокусира на причинителите за страдање на жртвите, и на нивно казнување. Од друга страна, казнувањето на злосторниците не нужно ја подобрува ситуацијата на жртвите. Затоа, процесот на судско гонење на злосторниците треба да биде проследен и со комисии за вистината или со тела слични на нив, кои повеќе се фокусираат на жртвите.
Извинување. Многу личен чин е извинувањето за злосторствата и тоа не може да биде наметнато никому. Ако некој го загуби својот дом или дури членови на семејството, ќе му биде тешко или дури невозможно да се извинува. Многу тешко е и од другата страна да се бара извинување бидејќи тоа, многу често, вклучува и признавање на злосторствата и сопствената одговорност. Извинувања можат да се случат помеѓу поединци, но од јавен (особено значаен) интерес е да се говори и за гестови на политичарите кои зборуваат во името на некој народ или држава. Тие гестови можат да означат пресврт во односите помеѓу државите и народите, но можат да предизвикаат и конфликти помеѓу политичарите и жителите ако не се согласни околу тоа што се случило и која одговорност ја носи таа држава или тој народ. Во ноември 2010 година, српскиот претседател Тадиќ се извини во хрватскиот град Вуковар за тамошниот масакр направен од Србите над Хрватите во 1991 година. Отпосле се разви дискусија дали тоа беше личен чин или чин во името на српската држава.
Култура на сеќавањето. Во секое општество се развива и еден друг начин на третирање на минатото: сеќавањето. Покрај индивидуалното сеќавање, се формираат и облици на колективно сеќавање кое силно влијае на индивидуалното и се манифестира во симболи како празници, споменици, згради, имиња на плоштади, на улици и јавни згради, јавни настани и многу други. Тоа е комплициран процес во кој државни и научни установи и институции, но и други актери како жртви, ветерани или граѓански движења нудат свои верзии на некои настани. Некои симболи стојат за победите и славните настани, други за жалните моменти. Така на пример, за Албанците 22 ноември и Битола станаа симболи за унификацијата на нивното писмо, а за Македонците 2 август и Крушево се сметаат како симболи за создавање на македонската држава. Културата на сеќавањето може силно да ги спои луѓето во општеството, но може и да ги раздвои ако се сеќаваат на различни настани или на истиот настан со различни слики на вистината.