Во рамките на проектот „Лица на отпорот во 20 век“ на 21.02.2017 и на 11.04.2017 година беа одржани вкупно 8 работилници со 4 паралелки во 9 одделение од Основното училиште „Климент Охридски“ од Прилеп. Работилниците ги водеше Горан Талески, програмски раководител од Мировна акција заедно со професорката по историја, Каролина Јовеска. Работилниците се одржаа во просториите на ОУ „Климент Охридски“.
Првиот сет од 4 работилници се одржаа на 21.02.2017 година (со секое одделение по една) и траеја 40 минути (школски час). Целта на работилниците беше:
- Зголемување на познавањата за отпорот кон фашистичкиот окупатор во Прилеп во периодот од Втората светска војна;
- Развивање на истражувачки вештини кај учениците;
- Поттикнување на креативен пристап во работа со историски теми низ користење на современи нагледни средства.
После воведниот дел каде се зборуваше за 2 светска војна, преку креативен пристап и силна вклученост на учениците се дискутираше за тоа што може да се истражува како дел од отпорот во 2 светска војна во Прилеп, на кој начин може да се истражува и кои извори на истражување ги имаме на располагање и на кој начин тоа треба да биде претставено, а да биде интересно за денешната младина.
Па така, беше забележано дека може да истражуваме за Участакот (зградата на бугарската полиција во Прилеп за време на 2 светска војна), борците од Прилеп, значајни настани од 2 светска војна како 11 Октомври (почетокот на востанието во Македонија), Могилата на непобедените (паркот каде се наоѓа споменик и спомен костурница за загинатите припадници на отпорот). Како интересен предлог може да се одвои заинтересираноста на дел од учесниците да истражуваат во семејната историја за тој период.
Потоа учениците се поделија по тимови на истражувачи кои под раководство на професорката Јовеска во наредниот период работеа на истражување и подготовка на презентации за некои од горенаведените теми.
На 11.04.2017 година во истите простории, се одржа вториот сет на часови со истите одделенија. Тука беше прикажано сработеното од страна на учениците, а низ дискусија се добиваше уште подобра слика за тоа време на отпор кон фашизмот.
Водителите на процесот излегоа од оваа соработка со нескриено задоволство од постигнатото.
Од Мировна акција се заблагодаруваме на проф. Јовеска и училиштето „Климент Охридски“ за заинтересираноста и одличната соработка за време на спроведувањето на проектот.
Горан Талески
Мировна акција