Во Април 2011 Мировна акција организираше средби со воените ветерани од Македонија и претставници од Центарот за воена траума (ЦВТ) од Нови Сад на кои се отвори проблемот на траумите како последица од војните.
На повеќе претходни средби на луѓе од Мировна акција со ветераните често беа споменувани различни проблеми со кои денес се соочуваат бившите борци. Психолошките последици и воената траума беа често високо рангирани. Во повеќе здруженија на поранешните борци разговорите за воената траума се чести. Некои од нив располагаат и со списоци на членови кои починале или заболеле од повеќе дијагнози, а кои тие самите ги класифицираат како воена траума или Пост трауматско стресно пореметување (ПТСП), попознато кај народот како „Виетнамски синдром“ .
Мировна акција веќе подолг период е во контакт со ЦВТ од Нови Сад со чии членови соработува на различни регионални иницијативи. ЦВТ има едно децениско искуство со работа со воена траума: психолошка помош, поддршка при основање на ветерански групи за самопомош и поддршка на процесот на ресоцијализација на воените ветерани во цивилниот живот. Ни се виде корисно токму со ЦРТ да ја отвориме оваа тема во Македонија.
Првенствено контактиравме со неколку здруженија на поранешни борци со кои имавме и претходни контакти. Работилниците беа направени во простории по нивен избор. Не известувавме медиуми. Битно ни беше ветераните да можат да чујат туѓи искуства и да размислат дали нешто од тоа им се чини корисно за примена во своите средини, без да имаат чувство дека од нив нешто се бара или се очекува на било каков начин.
Во оваа прва фаза беа организирани 4 средби во Скопје, Куманово и Прилеп со здруженијата:
- Достоинство, на 14 Април 2011 во Скопје, Дом на АРМ
- Здружение на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, на 15 Април 2011 во Скопје, Дом на АРМ
- Здружение Бранители 2001 Куманово, на 15 Април 2011 во Куманово, Мала сала во Дом на култура
- Здружение на Резерви Воени Обврзници (ЗРВО) 2001-2002, на 16 Април 2011 во Прилеп, Канцеларија на ЗРВО, Прилеп
Организиравме одвоена средба и со резервните офицери од Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на нивно барање. Сакаа да се запознаат за што се работи.
Проблемот со воената траума беше подеднакво препознаен на сите средби. Евидентно беше непостоењето на соодветна поддршка од здравствените и социјалните служби во градовите каде има поголема ветеранска популација. Заради социјалните импликации кои потенцијално може да ги има поголемата препознаеност, државата е резервирана кон овој проблем. Здруженијата се растргнати помеѓу борбата за социјални права и овие проблеми кои се јавуваат кај одредени членови. А, поддршка или нема или е премала. Посебна специфика постои кај припадници на безбедносните сили кои се во активен состав на некоја единица денес, а кои исто така имаат психолошки последици од војната од 2001. Признавањето на некој степен напсихолошка траума или ПТСП кај нив можеби би имало импликации и врз нивниот работен статус.
Се работи за комплексна материја која бара поширока вклученост на повеќе општествени актери: здравствени работници, социјални центри, ветерани и пошироката заедница.
Мировна акција останува посветена на овој проблем. Овие средби ги гледаме само како прва фаза со која ги истражувавме потребите за работа на воената траума. Нашите капацитети се ограничени и експертизата специфична, секако не можеме да го покриеме целиот спектар на потреби. Но сигурно можеме да помогнеме во идентификување на места кои би можеле да одговорат на дел од проблемите, а можеби и во развој на потребните капацитети.
Како мировњаци, нашето учество во овој процес го гледаме како повеќеслојно: одамна се залагаме, и работиме на тоа, во расправите за нашиот однос кон минатото да се вклучат директните учесници во настаните од 2001. Ветераните се едни од нив. Уште повеќе што тоа се луѓе кои директно го ризикувале сопствениот живот, дел од нив секојдневно. Нивниот конструктивен однос кон минатото го гледаме како услов за изградба на нормални односи во иднината. Битна ни е и општествената одговорност за успешна реинтеграција на поранешните борци во цивилниот живот. Ја цениме нашата одговорност и улога во таа смисла. Битна ни е општествената одговорност да им се помогне на луѓето кои се соочуваат со последици од војната, вклучително и на ветераните. Битно ни е поранешните борци да се вклучат во поширокиот спектар на расправи во граѓанската сфера. Битно ни е да прифаќаме разговор и кога не се согласуваме. Битно ни е да се зборува за минатото, да не се заборави.
Центарот за воена траума од Нови Сад, Србија, има долгогодишно искуство во работа со ветерани. Почнувајќи од 1999 како неформална група со советувалишта за трауматизираните војници кои се враќаа од боиштата во Хрватска, БиХ, а покасно и од Косово, се развија нивните програми. Од 2002. година групата работи формализирано како Центар за воена траума и во меѓувреме разви три базични програми:
– Советувалишта: бесплатна директна психолошка поддршка во надминувањето на страдањето и подобрување на квалитетот на животот
– Група за поддршка на луѓе со воено искуство: Луѓе со воено искуство се собираат на доброволна база за да го поделат своето искуство и да се поддржуваат и помагаат меѓусебно.
– Конструктивна употреба на воено искуство: Развој на пристап и модели за квалитетно користење на воено искуство за општо добро на општеството и изградбата на одржлив мир во регионот. Пример за овој програм се дијалозите „Ветерани и млади“.
За повеќе информации за Центарот за воена траума:
www.wartrauma.org