Ана Мишковска Кајевска, 09.06.2017.
Од 31. мај до 3. јуни 2017 г. во Белград се одржа четвртиот по ред фестивал „Мирдита, добар дан“ (Mirëdita, dobar dan), чија цел е претставување на косовскиот културен и општествен живот пред белградската публика. Фестивалот е во организација на Иницијатива на млади за човекови права (Белград), Интегра (Приштина) и Граѓански иницијативи (Белград), а сè до оваа година се одвиваше во мирна атмосфера.
Овогодинешното издание, меѓутоа, беше проследено со неколку инциденти што беа предизвикани од националистичката и десничарска организација „Српски сабор Заветници“. Особено жесток беше протестот пред и за време на промоцијата на книгата „Сакам да ми се чуе гласот“, која содржи сведочења на Албанки што биле силувани од припадници на српски (пара)воени формации за време на војната во Косово 1998-1999 г. Кон интензитетот на протестот придонесе најавеното присуство на поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага, како една од движечките сили за признавање на правата и страдањата на овие жени. Демонстрант(к)ите, од своја страна, бараа албанските политичар(к)и од Косово да преземат одговорност за страдањата на лицата од српска националност на Косово.
Јахјага на крајот не дојде во Белград и на промоцијата зборуваше преку видео-врска. Многу загрижува тоа што медиумите во Србија, известувајќи за овој протест, скоро па воопшто не се осврнаа на суштината на претставуваната книга: употребата на сексуално насилство за воени цели, како и правните и културолошките препреки што им отежнуваат на силуваните жени да зборуваат за она што им било направено и добијат статус на цивилни жртви на војната, т.е. соодветни права и бенефиции. Овој проблем не постои само во Косово и не се однесува само на Албанките, туку се однесува и на силуваните Србинки што сакаат да ги остварат своите права во Србија – нешто што ниту демонстрант(к)ите ниту медиумите не го споменаа. Општо земено, жртвите на сексуалното насилство во (пост)југословенските војни, без разлика на својата националност и националноста на силувачите, се соочуваат со срам, страв, неразбирање и негирање, како и со несоодветна законска регулатива. Овој конкретен случај на игнорирање укажува, всушност, на една многу поширока негативна појава: Воените силувања и последиците од нив не се сметаат за доволно сериозен општествен проблем, кој завредува внимание и ангажман. Дотолку повеќе се битни напорите на граѓанските организации што се залагаат овој проблем да биде поставен во центарот на општествените интереси и престане да биде табу-тема.
Инаку, книгата е достапна на три јазици, т.е. како „Unë dua të dëgjohem“, „Želim da mi se čuje glas“ и „I want to be heard“ и може да се набави од Интегра, а сведочењата се собрани преку методот на усмена историја. Овој начин на надополнување и корегирање на официјалната историографија веќе повеќе години успешно се практикува и од Мировна акција во врска со војната во Македонија во 2001 г. Заинтересираните за женските сведоштва од постјугословенските простори можат да ја посетат и страницата на Женскиот суд.