Изложбата на фотографии „Војна на сеќавањата“, на Ненад Вукосављевиќ и Неџад Хорозовиќ, од Центарот за ненасилна акција – Белград и Сараево, беше отворена на 11 ноември 2017 во Скопје, во просториите на Мултимедијалната галерија – Мала Станица. Истата, е резултат на истражување за местата на страдање и сеќавања за војната во Босна и Херцеговина, нивно документирање, како и анализа на политиките на меморијализација и културата на сеќавање од трите страни кои војуваа.
На отворањето, на присутните им се обратија домаќините од Мировна акција – Прилеп и Тетово, Боро Китаноски и Албулена Карага, и еден од авторите на фотографиите, Ненад Вукосављевиќ. Во текот на вечерта, присутните имаа можност да ги запознаат и да им пријдат за разговор и на другиот автор на фотографии, Неџад Хорозовиќ, и на Ивана Франовиќ, авторката на истражувањето.
Самата изложба произлезена од спроведеното истражување претставува извонреден и пионерски напор на одбележување на местата на страдање и одбележување од војната во БиХ. Уште позначајно ни се чини што доаѓа во Македонија во време кога излегуваме од деценија во која болните точки на потенцијален конфликт беа секојдневно злоупотребувани и експлоатирани за да се задржи постојната ситуација на страв и непостоење на комуникација. Овој сериозен обид за комуникација на различните сеќавања кои егзистираат внатре, во поединечните етнички рамки нека биде и инспирација за слични процеси и тука.
Изложбата беше отворена до 20 ноември.
Он лајн изложбата, како и целото истражување може да се погледнат на следниот линк.