На 12-ти јуни, 2018 година во хотелот Холидеј Ин во Скопје се оддржа конференцијата „Развојните потреби во процесот на меѓуетничка интеграција во образованието (МИО)“ во организација на „Мировна Акција“ – Прилеп/Тетово и „Центарот за мировни студии“ – Загреб.
Цели на Конференцијата беа нагласувањето на важноста на МИО; дискусија за предизвиците со кои се соочува наставниот кадар во спроведувањето на МИО; дискусија за идниот развој на МИО итн.
На конференцијата учествуваа вкупно 98 учесници, од кои околу 50 наставници и директори на училишта, како и претставници од Министерството за образование и наука, Делегацијата на ЕУ во Македонија, ЦИВИКА Мобилитас, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, претставници од невладини организации од Македонија и Хрватска.
Конференцијата ја отворија со воведни обраќања Зеќирија Хасипи, Директорот на Бирото за развој на образованието, Софи Боумонт од Делегацијата на ЕУ во Македонија, Петруш Тоинес од ЦИВИКА Мобилитас како и Горан Талески од Мировна акција.
На конференцијата зборувавме за врските на МИО пошироко од директниот етнички фокус и дека е тоа дел од едно пошироко залагање за поправедно општество, рамноправност и недискриминација по сите основи. Беше нагласено дека МИО претставува долг, можеби транс-генерациски процес, и дека претставува напор на повеќе актери и институции кои во долг временски период работат на поддршка, некогаш и во тешки услови.
На панел дискусијата Предизвици во спроведувањето на меѓуетничка интеграција во образованието за предивиците зборуваа наставниците Александра Арсовска и Исуф Синани, а свое излагање имаше и Фланза Јусуфи Салиу од Мировна акција која зборуваше за нашето истражување на досегашната имплементација на МИО во основние и средните училишта. На панел дискусијата како главни предизвици се спомнаа недостатокот на мотивација на наставниците заради економски и политички причини, недостатокот на мотивација кај учениците, недоволна упатеност на наставниците за МИО и потреба за зголемување на нивото на вештини со кои располагаат, политичката клима особено политичките случувања во 2016-та и 2017-та.
На сесијата Иднина и развој на интегрираното меѓуетничко образование во Македонија имаше излагања имаа и Надица Костовска од Министерството за образование и наука која зборуваше за Стратегијата за образование 2018-2025, Ванчо Петрушевски, заменик-директорот на Бирото за развој на образованието, и Небојша Мојсовски од Македонскиот центар за граѓанско образование. На оваа сесија, нашата колешка Емина Бужинкич од од Центарот за мировни студии ја претстави и нашата Анализа и препораки за политики, после неколкумесечен процес на истражување за состојбата на МИО во Македонија. Во контекст на развојот на процесот се сподели дека постои потреба за преземање на сопственоста врз процесот од страна на институциите и да не служат само за поддршка, и дека потребни се механизми за одржлива меѓуетничка интеграција во образованието.
На последната сесија насловена Позитивни искуства во спроведување на меѓуетничкото образование зборуваше Лулјета Ќерими, директорка на ООУ Хасан Пришина од Чаир, Ивана Милас од Нансен Дијалог Центарот од Хрватска, Ана Битољану од Прва детска амбасадда во светот Меѓаши, како и Емрах Реџепи од Мировна акција, сите фокусирајќи се на позитивните искуства и практики на процесот на МИО до сега. На оваа сесија споделивме дилеми и инспирација како да бараме креативни начини на кои ќе можеме да ги шириме просторите за соработка на рамноправна основа.
Конференцијата заврши со сумирање на споделеното, од Боро Китаноски од Мировна акција.
Конференцијата е дел од проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата” кој се спроведува од „Мировна Акција“ – Прилеп/Тетово и „Центарот за мировни студии“ – Загреб, и се финансира од „Делегација на Европската Унија“ и „ЦИВИКА Мобилитас“.
На следните линкови може да погледнете видео снимки од конференцијата или галеријата на фотографии.