Во периодот 10-12 октомври 2025 година се одржа првата фаза од Тренинг програмата со наставници – професори по историја, во организација на Здружението Мировна акција Прилеп (МА) и Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија (АНИМ). На обуката присуствуваа 13 наставници и наставнички од 12 основни и средни училишта од Македонија. Групата наставници е со мешан состав по различни основи. Присутни беа наставници кои се подолго време во Тренинг програмите на Мировна акција и АНИМ, како и наставници кои ова им беше прво такво искуство. Во групата има искусни наставници, како и млади наставници кои штотуку започнуваат со својата кариера. Се разбира, групата беше мешана и по етничка и родова основа. Цели на оваа прва фаза од Тренинг програмата беа: Запознавање со наставниците учесници, презентирање на програмата за периодот 2025-2027, презентирање на досегашната соработка на Мировна акција и АНИМ, презентирање на изданијата на Мировна акција од областа на соочување со минатото и едукација за историски извори и нивно користење. Обуката се одржа во хотел „Кристал Палас“ во Прилеп.
Петок, 10 октомври беше првиот ден на обуката. Започнавме со меѓусебно запознавање како и со разни игри и вежби за запознавање. Обуката продолжи со посета на центарот на Прилеп каде традиционално на 10 октомври се одбележува почетокот на Народноослободителната Борба во Македонија преку импровизиран напад на полициската станица во Прилеп (Участокот) и огномет во чест на големиот празник. Преку присуството на групата на овој настан можеше да се набљудува и анализира начинот на меморијализација на 11 октомври во Прилеп.
Саботата на 11 октомври започнавме со работилницата „Како ја засакав историјата?“ преку која наставниците се потсетија на нивните први контакти со историјата како училиштен предмет и како научна дисциплина. Во истата работилница наставниците, поделени по групи, изработија постер презентации преку кои ги објаснија различните влијанија врз нивниот развој како историчари.
По паузата продолживме со презентација за досегашната соработка на Мировна акција (МА) и Асоцијацијата за наставници по историја на Македонија (АНИМ). Преку овој блок сакавме да им ги презентираме сите постигнувања во нашата досегашна соработка: почетоците во време на Пандемијата со ковид-19, работа преку интернет до доцни вечерни часови преку обуки на платформата ЗУМ (Zoom), заеднички онлајн часови со ученици за меѓуетничка интеграција во образованието (МИО), Конференција во 2021 година, втора серија на обуки, спроведување на воннаставни МИО часови во живо, Прирачник за воннаставни часови по историја (издаден на македонски и албански јазик), како и други помали активности. За сите нив може да се потсетите со преглед на Презентацијата која е дел од анексите на овој извештај.
Обуката продолжи преку интерактивно наведување на очекувањата на сите учесници од Тренинг програмата и на презентација на изданија на Мировна акција кои можат да се користат како ресурси во истражување на етничките конфликти од поблиското минато.
Во презентацијата за тековната „Програма со наставници-професори по историја 2025-2027“ (види анекс) беа изложени основите на заедничката работа за наведениот период. Целите на програмата за овој период се:
- Зголемување на знаењата на учесниците за настаните поврзани со меѓуетничките конфликти во Македонија
- Да се разберат причините и динамиката на меѓуетничките конфликти во Македонија
- Да се поттикне критичко размислување и дијалог меѓу учениците
- Да се развијат педагошки алатки со чувствителен и инклузивен пристап кон темата
- Изградба на сигурен простор за дискусија на теми кои се поврзани со конфликтното минато
По презентацијата следеше исцрпна дискусија за Програмата каде наставниците ги искажаа своите првични впечатоци, како и прашања за истата.
Вежбата „Вести од минатото“ донесе возбудлива игра на улоги. Учесниците поделени во 3 групи работеа на подготовка и претставување на вести од минатото, но како да се случиле денес. Вежбата донесе сериозна групна работа за историјата и како ја доживуваме денес, а сето тоа на забавен начин.
Последниот ден од обуката беше посветен на работилницата „Историски извори“. Започна со презентација (види прилог), а продолжи со групна работа за историски изводи. Наодите од групната работа беа претставени преку постер презентации.
На крај, падна и договор за локација и место на наредната фаза од Програмата.




